Серафимовски: Ми пречи пресметката со мртви луѓе

Македонскиот скулптор Томе Серафимовски кој е третиот лустриран академик, во интервју за Утрински вели дека се уште не ги видел документите по кои е лустриран и дека има чуство како некој да раководи со МАкедонија со далечински управувач.

- За жал, се' уште не сум го добил документот со кој ме лустрираше Комисијата за верификација на факти. Но, најверојатно поради грешка, го добив преку службите во МАНУ и можев да направам увид. Читајќи го тој документ, јас лично сум горд на моето минато и како скулптор и како Македонец, вели Серафимовски.

- Тоа што сум го потпишал со име и презиме не е никаков доказ дека сум соработувал со службите на бившиот систем. Не постои акт дека сум прифатил соработка и дека тоа сум го правел континуирано. Она што навистина постои е еден документ во кој се кажува за мојот судир со еден одамна починат наш познат камерман, чие име е затскрено, но еве јас јасно го кажувам - Виктор Аќимовиќ. Ние дојдовме во конфликт околу личноста на Крсте Петков Мисирков и Петре Прличко. Во моето писмо јас кажувам дека Аќимовиќ е проруски ориентиран, а академик Серафимовски е пројугословенски ориентиран во своето филозофско размислување, политичко определување и творечко работење. Јас учев во Сплит, кај големи мајстори како професорот Љубен Мирковиќ, авторот на големиот споменик пред Владата. Горд сум на фактот што сум бил пет години студент на професорот Антун Агустинчиќ во Загреб, кој беше потпретседател на АВНОЈ. Што сум учел од еден Крсто Хегедушиќ. Горд сум што сум воспитаник на тој систем и на тоа образование. Како концепт на скулптура традиционално сум врзан со тие корени, додава тој.

Тој изјавува дека не се чуствува виновен и обесправен, но би сакал да му кажат отворено членовите на Комисијата, кој имал штета од неговите изјави и што ползувал од неговите кажувања.

На прашањето како гледа на притворањето на Паско Кузман, тој вели: - Со Паско ме врзува повеќедецениско пријателство. Јас на шега знам да му кажам, Паско ти не си за надземни работи, ти си за „подземјето“. Се разбира, тоа му го велам во алегорична форма, сакајќи да му кажам дека тој како археолог, треба да се занимава со ископините, а да ја остави на други надземната уметност. Но, не можам да скријам дека за мене е огромно изненадување, тоа што токму од оваа власт е притворен Паско. Тоа е многу поголемо изненадување од тоа да биде лустриран некој од академиците.

За проектот Скопје2014 тој вели за жал, или подобро на моја радост, ниту еден не е на Плоштадот. Неколку пати сум рекол дека има голем сјај, но нема голема уметност. Знаете не е злато се' што свети!

Извор: Утрински

ФОТО: Нетпрес

најчитано сега