Намален билансот на жртвите при железничката несреќа во Шпанија
Полициските форензичари, кои ги истражуваат остатоците од телата на загинатите во железничката несреќа во Шпанија, денеска го намалија бројот на починатите од 80 на 78 лица, додавајќи дека билансот на жртвите би можел и дополнително да се промени.
Намалувањето на бројот се случи кога форензичарите ги составиле деловите од телата во импровизирана мртовечница во Сантјаго де Компостели, каде што се случи несреќата.
Полицијата соопшти дека во тек е идентификација на деловите од веројатно уште шест тела.
На машиновозачот денеска официјално му е одредена мерка притвор поради невнимание, а тој и натаму се наоѓа во болница под полициско обезбедување, бидејќи се здобил со полесни повреди. Најавеното за денеска сослушување на машиновозачот полицијата го одложи поради неговата здравствена состојба.
- Истражните органи во меѓувреме ги пронајдоа „црните кутии“ од возот, кој поради голема брзина излета од шините, истакна претставничката на локалниот суд Марија Пардо Риос.
Во овие кутии, кои се слични на „црните кутии“ во авионите, се наоѓаат податоците за патот на возот, вклучувајќи ја брзината, растојанието и кочењето.
Истрагата за причината на најтешката железничка несреќа во Шпанија во последните 40 години е насочена на можниот проблем со сопирачките и пребрзото возење.
Во Шпанија денеска е втор ден на жалост.
Повеќе од 90 патници во возот се уште се наоѓаат во болница, а 30 од нив се во критична состојба, меѓу кои има и деца.