Делегација на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со Хајндл

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска оствари средба со германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл со кого разговараше за актуелната политичка состојба.

На средбата, како што информира ВМРО-ДПМНЕ, било истакнато дека како партија остануваат посветени кон постигнување на позитивни решенија базирани врз европските искуства кои ќе бидат рационални и ќе го запазат општествениот интерес.

- Беше постигната согласност дека е потребен конструктивен пристап и отвореност на сите политички чинители. Истовремено беше истакнато дека изборите се прифатливо, посакувано и единствено решение за надминување на политичката криза, но базирајќи се на претходните искуства и однесување на СДСМ, тоа треба да биде без неосновано лицитирање на нови термини кои подоцна ќе бидат одлагани, се вели во соопштението.

Во однос на избирачкиот список од страна на ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека СДСМ ќе мора да даде потврда и да се обврзе дека тој е прочистен, а во периодот кој следи посветено ќе се работи на подигнување на довербата во Избирачкиот список, иако тој за ВМРО-ДПМНЕ, како што се вели, не е спорен сегмент.

Во поглед на медиумите било истакнато дека ВМРО-ДПМНЕ се залага дека не смее да се казнува новинар или медиум за искажан став, како и за релаксирање на казнената политика со што ќе се придонесе за зајакнување на нивната независност и ќе се влијае на унапредување на состојбите.

На средбата од страна на ВМРО-ДПМНЕ е посочено дека врвен интерес е напредокот во интеграциските процеси и спроведувањето на интензивната реформска агенда која подразбира дополнително унапредување на состојбите и критериумите.

- Во тој правец Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ утврди предлог закон за Народен правобранител базиран на европските принципи и препораки, закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, закон за престанување на важењето на законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, а беа доставени до четирите партии двата медиумски закони, законот за медиуми и законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а во владина процедура е и изменување и дополнување на законот за судски совет заради усогласување со претходниот закон. Сите овие закони се дел од итните реформски приоритети со што се потврдува посветеноста во исполнување на критериумите утврдени со пристапниот процес во ЕУ, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.

 
 
06.07.2016 - 17:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега