Одбележани 155 години од издавањето на Зборникот на Миладиновци

Зборникот на Миладиновци е капитално дело на македонската преродба, истакна вечерва професорот Петар Аврамоски на одбележувањето „155 години од издавањето на Зборникот на браќата Миладиновци“.

На свеченоста што се одржа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга говорејќи за значењето на Зборникот професорот Аврамоски посочи дека преку ова дело европската и светската јавност се запознале со вредностите на македонското културно наследство.

-    Зборникот на Миладиновци е капиталното дело на македонската преродба или во најмала рака најубавата книга што ја дал македонскиот 19-ти век. Со материјалите во тој зборник првпат на културната јавност во Европа и пошироко и се презентирани огромните и многу значајни вредности на македонското духовно и културно богатство, рече Аврамоски.

Насловот „Зборник на Бугарски народни песни“, според него, не бил по желба на Миладинов, туку услов на хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер да го финансира неговото издавање.

-    Константин после тешката болест се согласува хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер да го финансира печатењето, но тој му поставува услов да вметне бугарски народни песни и да му го даде насловот „Бугарски народни песни“. Насловот не значи дека се во него е содржано на бугарски. Кога ќе се разгледа Зборникот има 660 нумерирани песни и 14 играчки песни, тоа се 674 песни, а од нив само 76 се бугарски народни песни, истакна Аврамоски.

Извадоци од Зборникот на Миладиновци читаа членови на драмското студио „Миладин“, а музички настап имаше пра-внукот на Димитрија Хр. Миладинов, Христијан Миладинов. Со одбележувањето на јубилејот од издавањето на Зборникот на Миладиновци струшкиот Центар за култура го прослави патрониот празник.

Зборникот на Димитар и Константин Миладинови излегол од печат на 24. јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб. Во овој Зборник на 538 страници се објавени 660 песни, од кои 584 македонски и 76 бугарски. Книгата содржи и обичаи од Струга и Кукуш, народни верувања, преданија.... 

 
 
23.06.2016 - 21:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега