Уште 10 дена и забрана за автомобили постари од 10 години во Македонија

Построги критериуми за увоз на половини возила. Од 1 јули се забранува внес на автомобили со ЕУРО 3 стандард односно постари од 2005-та година. 30-ти јуни е последниот ден кога мора да биде платена царината и да бидат завршени увозните процедури, а рокот за хомологација засега е неограничен.

Во пресрет на новите правила се зголеми увозот на ЕУРО 3 возила. Според податоците на Царинската управа во првите четири месеци од годинава биле внесени вкупно 9.500 половни автомобили што е за 3.110 повеќе од истиот период лани.

Во плацовите кои препродаваат увезени возила има раздвиженост. Сопствениците велат дека побарувачката за постари коли со ЕУРО 3 била зголемена за триесеттина проценти последниве неколку месеци.

„Има зголемена побарувачка за постари коли, луѓето немаат многу пари па сакаат да ја искористат можноста да дојдат до автомобил со постар датум на производство кој сепак има солидни перформанси и е далеку подобар од оној кој можеби го поседуваат во моментот. Ние брзаме да завршиме со процедурите за уште десеттина коли со ЕУРО 3 пред да истече рокот, ќе ги продаваме и понатаму со завршена процедура, додека имаме залихи“, вели сопственик на плац кој инсистира да остане анонимен.

Импортерите на нови возила бараат уште поголеми ограничувања на увозот

Одлуката за ограничување на увозот која имаше одложено дејство беше донесена уште во 2013-та, на барање на импортерите на нови возила кои тврдеа дека ниските ЕУРО стандарди се едни од главните предизвикувачи на зимската загаденост на воздухот.

Официјално поради истата причина, а неофицијално поради намалениот промет; авто салоните неодамна побараа и дополнително ограничување на увозот – забрана за внес на коли и со ЕУРО 4 стандард односно постари од 2009-та.

„Половните возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромно количество штетни честички во воздухот. Најголемите загадувачи, старите возила, не ги исполнуваат декларираните европски нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ10 честички во воздухот“, објаснуваше во декември лани извршниот директор на Сојузот на стопански комори (ССК), Митко Алексов.

Можно е воведување мерки за поттикнување набавка на еколошки коли

Надлежните засега не одговорија на ова барање и нема најави за дополнителни ограничувања за увозот на половни возила. Објаснуваат дека мерката имала и социјална, но и еколошка димензија. Сега скоро сите можеле да дојдат до релативно добра кола која значително помалку загадувала од застарениот возен парк кој претходно главно го сочинувале Zastava 101, Yugo 45 или Fiat 1.300, автомобили кои речиси целосно исчезнаа од македонските улици и патишта.

Сепак, Министерството за животна средина размислува да воведе регулаторни и фискални мерки за поттикнување на купувањето еколошки автомобили – намалување на даноците за оние кои загадуваат малку, а зголемување на даноците за оние кои загадуваат многу.

„Податоците покажуваат дека секторот транспорт учествува со 25 проценти во вкупната побарувачка на енергија. Спрема развојните сценарија за побарувачката на енергија, трошоците за обезбедување на потребната енергија и емисиите на стакленички гасови во различни развојни сценарија до 2050 година, најголемо загадување од потрошувачката на финална енергија се очекува во секторот транспорт односно се очекува емисиите на CO2 во транспортот да пораснат над 140 проценти“, изјави неодамна сега веќе поранешниот министер за екологија, Нурхан Изаири.

Ford за 700, Yugo за 300 евра – огласниците и плацевите преполни

Иако има раздвиженост поради новите ограничувања, пазарот на поволни автомобили останува презаситен. Само online се активни над 50.000 огласи – Yugo од 80-те може да се најде за 300 евра, а Ford од 90-те за 700. Секако има и луксузни возила кои чинат 10 до 15 илјади евра, но и овие цени веќе претрпеа надолни корекции.

Од друга страна, само во Скопје има десетици плацови кои директно продаваат половни увезени автомобили.

„Последниве 2-3 години работата е драстично опадната иако цените се се пониски. Во просек продаваме по 2 до 3 автомобили месечно. Најмногу се трошат моделите кои чинат од две до три илјади евра, тоа е некој просек, тоа е сумата која може да си ја дозволи нашиот народ“, вели во неврзан разговор сопственик на еден од плацевите за половни автомобили.

Освен на некој од плацевите, автомобил може да се најде и на импровизираниот авто пазар кој секоја недела функционира во скопско Маџари. Тука најчесто се нудат моделите кои чинат три до четири илјади евра. Иако има многу посетители, ретко кој е и вистински заинтересиран за купување.

Само лани увезени над 23.000 половни автомобили

Според податоците на Царинската управа во првите четири месеци од годинава биле увезени 9.500 половни и 1.488 нови автомобили.

За цела 2015-та увозот на половни достигнал 23.196, а на нови 4.244.

Најмногу стари коли, рекордни 51.399, влегле во 2010-та, првата година кога беше либерализиран увозот.

Денар

 
 
20.06.2016 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега