Градоначалникот на Новаци даде отчет за сработеното

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски денеска информираше за работата во првите 100 дена од четвртиот мандат во оваа локална самоуправа.

- Во овој период заврши реконструкцијата и новата надградба на општинската зграда со комплетно уредување. Зградата е во употреба а за реализација на овој проект беа вложени 12 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот Буџет.

Во екот на градежната сезона заврши асфалтирањето на патот Рибарци-Гнеотино и патот до селото Брод финансирани од македонската Влада и Светска Банка, а со иста поддршка се завршува асфалтирањето на патот Мегленци-Арматуш, посочи Котевски.

- Како општина не ја запоставуваме и меѓународната соработка и промоција која ја остваривме во словенечката општина Хрпеље и општината Дуги Рт од Хрватска. Нашата инвестициска понуда ја претставивме во еден руски бизнис каталог, како и во бизнис публикацијата „Балканика Паблишинг“, истакна Котевски.

На иницијатива на градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски во паркот на општината ќе биде поставен споменик на војводата Дедо Кољо, а дворната површина ќе биде збогатена со фонтана за што се обезбдедени 4 милиони денари, посочи Котевски во јавниот отчет за првите 100 дена од неговото работење како градоначалник на општина Новаци.