Успешно извршена трансплантација на бубрег од жив донор

После една година успешно е извршена трансплантација на бубрег од жив донор на скопските клиники, а закажани се уште три до 1 јули, истакна денеска претседателот на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, Гоце Спасовски.

– Со сите здружени сили се враќаме полека на тие патеки кои натаму ќе треба да го донесат оној пробив кој го направивме на полето на трансплантацијата, додаде Спасовски на прес-конференција по повод 5.Конгрес на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, кој почнува вечер во Македонската академија на науките и уметностите, пренесе МИА.

Претседателот на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Љубинко Трпеновски одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Македонија има недостиг од нефролози, а тие што ги има се на Клиниката за нефрологија. Посочи дека во внатрешноста има само двајца нефролози од кои едниот работи во Центарот за дијализа, а другиот работи како интернист во Медицинскиот центар во Прилеп.

Појасни дека во периодот кога не се извршуваа трансплантации двајца пациенти заминале за трансплантација во Турција.

– Причините за застојот беа повеќе, една од нив е недоразбирањето меѓу тимот, Министерството за здравство, националниот координатор, колегите…Основна причина, според нас, беше планот на Министерството да отвори Центар за трансплантација и извонредност кој ветуваше дека ќе почне за два до три месеци. Помина година и пол и нема ништо од тој центар, рече Трпеновски и додаде дека затоа инсистирале да продолжи успешната приказна на Клиниката, пренесе МИА.

Момир Поленаковиќ, почесен претседател и основач на  Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, рече дека конгресот е еден придонес, дека успеале на гараѓаните да им обезбедат здравствена заштита од бубрежна болест.

– Имаме рана дијагноза и сите видови третман вклучувајќи и трансплантација. Превенцијата е многу важна и за неа ќе се дискутира на конгресот. Конгресот ќе даде придонес за науката, но и за конкретно лекување на пациенти. Трансплантацијата која ја почнавме во 1977 година, беше многу успешна минатата година, а се надевам и сега ќе продолжи, истакна Поленаковиќ.

Хорст Клинкман, поранешен претседател на Европската ренална асоцијација – Европската асоцијација за дијализа и трансплантација изрази задоволство што ќе учествува на конресот и посочи дека во последните 20 и повеќе години го следи развојот на нефрологијата.

На конгресот ќе има 264 учесници и 60 предавачи од 20 земји.

 
 
09.06.2016 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега