Поскапува „пајакот“ во Центар
Наместо досегашните 1000 денари кои се плаќаа за подигнато возило кое е непрописно паркирано, пајак службата на Јавното претпријатие „Паркинзи - Центар“ од сега ќе наплаќа по 1.500 денари.
Оваа одлука за измена во ценовникот на „Паркинзи- Центар“ беше донесена на вчерашната седницата на Советот на општина Центар и се однесува на отпочнувањето на преместувањето на моторното возило, јави Курир.
Преместувањето на возилото во депото на пајак службата и понатаму изнесува 2.500 денари, а секој час од престојувањето во депото чини и понатаму 60 денари.
На вчерашната седница, изгласано е да се зголеми и цената на бизнис картата, односно месечниот надомест за паркирање во зоната каде што работи корисникот. Наместо досегашните 500 денари, вработените од сега месечната карта ќе ја плаќаат по 800 денари.
Од 2.000 денари на 2.500 е зголемена и услугата на пајак службата при преместување на неисправно, напуштено или оштетено возило во сообраќајна незгода, по налог на сообраќајна полиција, друг овластен работник или сопственик на возилото.
Промената на овие цени ќе стапи на сила по објавување на одлуката на Советот во Службен весник.
Инаку општина Центар од стартот на месецов воведе бесплатно паркирање на територијата на цела општиан за жителите на Центар.