Македонија има што да понуди на светскиот пазар за авантуристички туризам

Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција имаат што да понудат на светскиот пазар на авантуристички туризам, кој според податоците претставува сегмент со најголем раст во глобални рамки.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот што е организатор на собирот во Охрид, соопшти дека во рамки на конференцијата се одржани 490 бизнис-средби меѓу 58 снабдувачи на туристички услуги од регионот и 44 потенцијални купувачи од Европа и Северна Америка. Средбите се оценети како почеток на нова бизнис соработка што се очекува да прерасне во конкретни бизнис-зделки кои ќе донесат нови туристи во Македонија и другите балкански дестинации во наредните неколку години.

За време на конференцијата одржани се и бројни средби на претставници од туристичката индустрија во регионот и 20 светски познати медиумски куќи, како „New York Times“, „Guardian“, „National Geographic“, „Lonely Planet“, „Wanderlust“, специјализирани за туристичка реклама и промоција, од кои се очекува зголемено информирање во светските медиуми за туристичката понуда на Македонија.

Значаен дел од активностите на конференцијата беа и неколкуте едукативни сесии посветени на теми како иновации во туризмот, стимулирање на економски развој преку туризмот, создавање на препознатливи туристички искуства и растот на кулинарскиот туризам

На самата конференција и претходеа прмотивни тури на кои претставници на 50тина меѓународни туроператори и патописни новинари од 17 земји можеа да видат дел од туристичката понуда на Македонија, Косово, Хрватска, Црна Гора и Албанија. Беа одржани и повеќе од дваесет тури за активен туризам во близина на Охрид организирани од домашни  туроператори, на кои беа презентирани можностите за културни активности и активности во природа, како пешачење во Националниот парк „Галичица“, експедиција за конзервација на флората и фауната на Охридското Езеро, фотографски тури, вински тури и археолошко-историски тури во Охрид.

Сличните настани како конференцијата во Охрид како и активностите насочени кон изнаоѓање можности за унапредување на соработката на туристичките субјекти се посочени како важна алатка што придонесува и за надминување на политичките конфликти меѓу земјите на Балканот

 
 
13.05.2016 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега