Ахмети нуди три решенија за излез од кризата

Влада на широка коалиција, враќање на старата влада со Груевски на чело или избори на 5 јуни со учество на опозицијата. Ова се некои од можните сценарија кои лидерот на ДУИ али Ахмети ги понудил за излез од кризата, пишува Дневник. Според весникот без едно од овие решенија, кои Ахмети ги споменал на партиски собир во Чаир, неизвесно е дали ДУИ ќе учествува на изборите на 5 јуни.

- Позициите на двете македонски партии се бетонирани и гледаме дека не нудат никакво решение. Земјата оди во хаос. За да излеземе од ситуацијава, предложивме страните да седнат, да разговараат дали треба да има влада на широка коалиција со четирите партии, со прецизна агенда и која би функционирала до редовните парламентарни избори во 2018 година. Но нема волја. Тогаш да одиме на избори. На 5 јуни да има избори на кои опозицијата ќе учествува. Или владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да го истера актуелниот мандат до изборите во 2018 година, а опозицијата да си ја тера својата работа - им се обратил Ахмети на сопартијците во Чаир, пренесува Дневник

Весникот пишува дека се уште е нејасно дали варијантите на Ахмети се само идеи и желба за излез од кризата или за нив, реално се разговара.

По аболицијата на Претседателот Иванов во Мала Речица не кријат дека се промениле ставовите за учеството на ДУИ на изборите на 5 јуни

„Ставот на ДУИ е дека изборите мора да бидат инклузивни и дека секое решение што ќе биде без учество на сите нема да биде излез од политичката криза. Ние имавме поинаков став пред неколку дена - договорот мора да се почитува. Договорот почна да се уништува од двете страни. Смртниот удар го зададе претставникот на ВМРО- ДПМНЕ Ѓорге Иванов со одлуката за аболиција и оттука почна да се внесува сомнеж во меѓународната заедница за кредибилитетот на изборите. По одлуката на Иванов се урна еден од двата столба на пржинскиот договор и тоа специјалното јавно обвинителство, како барање на СДСМ и датумот на избори, како барање на другата страна. Во двата столба е удрено од двете страни, СДСМ во датумот на изборите и ВМРО-ДПМНЕ во СЈО. Ова создава нова ситуација. Ставот на ДУИ дали ќе оди на избори на 5 јуни ќе зависи од ДИK како реализатор и меѓународната заедница како набљудувач на изборите - вели за Дневник портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

 

Од СДСМ за Дневник велат дека единствен излез од кризата е одложување на изборите и повторно заседание на Собранието. Од партијата демантираат дека имало иницијатива за лидерска средба на „големата четворка“ и апелираат до ДУИ јасно да излезе со став дека нема услови за избори на 5 јуни.

 
 
27.04.2016 - 11:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега