ФЗО: Граѓаните задоволни од превентивните прегледи кај матичните лекари

 

Кај 19.000 жени и 5.700 мажи утврдено е дека имаат низок ризик за кардиоваскуларни заболувања, кај околу 10.000 мажи и околу 5.000 жени откриен е среден ризик, а кај 172 мажи и една жена откриен е висок ризик од кардиоваскуларна фатална епизода во наредните десет години.

За ова денеска на прес-конференција информираа директорите на Фондот за здравство на Македонија (ФЗОМ) Сашо Стефановски и Орхан Рамадани според податоците од матичните лекари  од првиот квартал во 2016 година каде се направени превентивни прегледи врз 40.000 осигуреници. Прегледите ги воведе ФЗО како превентивни мерки за рано и навремено откривање на трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетес мелитус.

За таа цел со матичните лекари во 2016 и 2017 година треба да извршат превентивни прегледи на осигуреници на возраст од 35 до 56 годишна возраст, таргетирани се 664.000 осигуреници. 

- За превенција од нефролошки заболувања, испитани се 42.066 осигуреници и кај 41.900 лица утврден е низок ризик од добивање на нефролошко заболување. Кај 166 лица утврден е умерен ризик, а нема лица со висок ризик. Од испитувањата кај матичните лекари за нефролошките заболувања, утврдивме дека иако нашите осигуреници се со низок ризик од нефролошко заболување, мораат веднаш да намалат внес на соли, шеќери и мрсна храна, затоа што 145 лица имаат крвен притисок над 160 со 120, кај 1.847 лица се пронајдени протеини во урина а на 28.690 лица е утврден ГФР (громелурална стапка на филтрација на бубрег) што претствува состојба која е загрижувачка и која укажува на почеток на губење на бубрежмната функција, истакна Стефановски.

За третото заболување, според него, од 39.510 испитаници, кај 34.000 лица е утврден низок ризик од добивање на дијабетес, лесно покачен е откриен кај 5.400 лица, додека со висок ризик е откриен кај 122 лица. Интересен показател, рече тој, е дека кај 2.911 лица индексот на телесна маса е прекумерен, над 30 поени (БМИ) односно тие осигуреници се со дебелина. Кај 100 лица за кои лекарите се сомневале за скриен шеќер и ги упатиле за орален гликоза толеранс тест, поставена им е дијагноза дијабетес кај 34 од овие испитаници, а кај 21 е утврдена преддијабетична состојба.

Карактеристичен заеднички именител кај овие три најчести незаразни заболувања е тоа што со намалување на внес на соли, шеќери и масна храна, се намалува и ризикот од овие заболувања.

- Не станува збор за обична сол за готвење и шеќер кој го користиме во кафето или чајот, туку солта во храната, во чипсот, во саламите, шеќерот во газираните и негазираните пијалоци, алкохолот, маснотијата во секоја форма на храната која ја внесуваме. Намалувањето на внес на сите овие работи, значи и намалување на ризикот од заболување, нагласи Стефановски.

Директорот Рамадани упати апел до граѓаните да се појавуваат на закажаните превентивни прегледи, а матичните лекари совесно и посветено да ја изавршуваат својата работа и ажурно да ги реализираат превентивните мерки и активности. 

Соопшти дека за поголема информираност на осигурениците Фондот изработил и испечатил едукативни материјали - флаери кои се доставени до матичните лекари за тие да ги дистрибуираат на своите пациенти на кои им се потребни.

- Вкупната бројка на испечатен едукативен материјал се вкупно 350.000 флаери, од кои 180.000 флаери се таргетирани за пациентите со дијабетес, 150.000 флаери за пациентите кои се со висок ризик од кардиваскуларни заболувања, 10.000 за пациентите со бубрежна слабост на преддијализа, како и по 5.000 флаери за пациентите на дијализа и за предностите од трансплантација на бубрег, рече Рамадани.

Информира дека Фондот реализирал и дополнителен проект, грижа за хронично болни лица, при што тимови од нивни вработени телефонски ги потсетуваат хроничните пациенти да ги извршат редовните прегледи и контроли и да ги почитуваат советите на лекарите за да се спречи влошување на здравствената состојба. Досега биле информирани 34.600 граѓани за почитување на насоките на лекарите, како и за важноста од редовни контроли и спроведување на пропишаната терапија.

Рамадани потенцира дека одзивот на граѓаните е охрабрувачки бидејќи сите искажале задоволство што некој ги контактира со цел да ги информира и потсети колку е важна грижата за сопственото здравје. 

 
 
26.04.2016 - 13:26
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега