Скопје: Негувателки заборавиле дете во тоалетот на градинката

Две негувателки во скопската градинка "Сончогледи" во населбата Влае, завчера заборавиле четиригодишно дете во тоалетот од градинката. Настанот се случил околу 17 часот, кога тие тргнале да си одат, откако ги заклучиле вратите од објектот и го вклучиле алармот, мислејќи дека во градинката веќе нема никого, пренесува Вест.
Откако дошла мајката да си го земе детето и видела дека е заклучено, се јавила на раководителката на градинката да  каже дека детето не е земено од родителите, а градинката е затворена. Иако во неверување, таа се слушнала и со двете негувателки кои тогаш сфатиле дека детето е внатре во градинката. Оваа драма се случувала околу 15 -20 минути, при што дошло и обезбедувањето, а и директорката на објектот "Сончогледи" кој, всушност, е клон на градинката "Пролет" во населбата Козле. 

Оваа информација завчеравечер ја сподели на социјалните мрежи тетката на заборавеното дете, преку Фејсбук групата "За подобри услови во градинките". 

Таа во нејзината објава вели дека детето, наводно, било заборавено еден час. На ова реагираа и директорката Вита Јаковлевска и раководителот на објектот "Сончогледи" Ружа Зафировска. Тие демантираат дека детето било еден час заборавено. 

" Јас 38 години ја работам оваа работа, и досега никогаш не се случило вакво нешто. Вистина е дека детето било заборавено, но верувајте, станува збор за недоразбирање меѓу колешките. Детето отишло во тоалет. Во меѓувреме, едната од колешките отишла да се пресоблече, а потоа и другата. Всушност, и едната и другата виделе дека детето не е во чекалницата, и без да се консултираат, едната помислила дека другата им го предала на родителите, и обратно. Ја затвориле градинката , почекале да се вклучи алармот и си заминале", вели раководителката на објектот "Сончогледи". 

Таа додава дека откако мајката дошла и се јавила оти детето никој не го зел, а дека градинката е заклучена, негувателките веднаш се вратиле назад и ја отвориле вратата. 

"Детето воопшто не било ни свесно дека било само. Навистина беше кратко времето, а не еден час, како што се пишува по социјалните мрежи. Детето беше смирено, расположено, не покажа никаква вознемиреност. Сепак, навистина ми е многу жал што вакво нешто се случи во нашата градинка каде што и јас и колешките сме со долгогодишно искуство. Сепак, ќе повторам дека тоа е недоразбирање меѓу колешките", објаснува Зафировска. 

Директорката на градинките "Пролет" Вита Јаковлевска ни го потврди овој настан, велејќи дека не може да се помири што вакво нешто се случило во градинката во која работи 39 години, од кои 12 е директор. 

"Јас веднаш ги презедов сите мерки за формирање дисциплинска комисија која ќе поведе постапка за спроведување на сите правни и законски работи за заштита на децата", ни рече таа. 

 

 

 
 
22.04.2016 - 11:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега