Македонците сѐ почесто пазарат на интернет - што се купува најмногу?
Македонските потрошувачи сѐ почесто купуваат на интернет. Само во првите два месеци од годинава, граѓаните на онлајн шопинг потрошиле 4,96 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка за платежни картички и уреди на кои истите се користат, пишува Лидер.
Интернет трговијата во земјава енормно расте, а онлајн шопингот за потрошувачите станува секојдневие. И трговците сѐ почесто се насочуваат на интернет пазарот. Според податоците на централната банка, македонските граѓани во 2015-та потрошиле над 18,4 милиони евра за некаков вид онлајн трансакција, што пак споредено со претходната, 2014-та година, претставува зголемување за околу 60%. Во овие трансакции влегуваат онлајн купувања на производи и услуги, како и плаќања сметки преку интернет.
Според податоците на НБРМ, за прв пат бројот на онлајн трансакциите во земјава ја надмина бројката од еден милион минатата година, што според познавачите на пазарот е добар показател за развој на е- трговијата, ако се има предвид големината на македонскиот пазар. Бројот на онлајн трансакции исто така бележи раст, а во 2015-та во споредба со 2014-та е зголемен за околу 33%.
Ако онлајн- пазарот се анализира неколку години наназад, може се забележат високи стапки на раст. Ако во 2010-та година вредноста на онлајн трансакциите изнесувала 2,1 милион евра, пресметките покажуваат дека онлајн пазарот за пет години пораснал за речиси десет пати.
Според податоците на НБРМ, пикот на потрошувачката во 2015-та се достигнува во февруари, кога се потрошени рекордни 2,33 милиони евра онлајн. Оваа година во февруари, ова сума е надмината за уште еден милион евра, достигнувајќи 3,33 милиони евра потрошени преку онлајн трансакции.
Што најчесто се купува онлајн?
Во последните 12 месеци, македонските онлајн потрошувачи најчесто купувале облека и спортска опрема, билети за настани, хотелски аранжмани, книги, списанија, производи за домаќинство, прехранбени производи итн.
Податоците велат дека околу 50 проценти од продажбата на интернет ја прават онлајн трговците кои нудат групни попусти. Интересно е тоа што изминатата година најмногу се купувало од глобални, светски трговци (56,2%), што претставува директна последица на на додавањето на Македонија на светскиот сервис за онлајн купување Пеј- пал. Домашните е- трговци имаат удел од 47,1%, додека оние од ЕУ- 36,3%.
Познавачите велат дека овој пазар и огромен потенцијал за раст, бидејќи генерацијата што израснува на социјалните мрежи и мобилните апликации, ќе биде голем онлајн потрошувач допрва.
Расте бројот на интернет пратки
Облека, обувки, технички апарати, опрема за домаќинство, се само дел од работите што се нарачуваат преку интернет и стигнуваат во Македонска пошта за достава. Ако пакетот е оштетен, граѓаните реагираат со рекламација. Проблем може да настане и при испораката на меѓународните оператори, велат од Македонска пошта. Тие целосно ги контролираат само за препорачаните пратки и гарантираат за нивната безбедност.
Агенцијата за пошти на крајот од минатата година предложи да се зголеми лимитот за безцарински увоз на пратки за лична употреба кои граѓаните ги порачуваат онлајн, а им се доставуваат преку поштенскиот сообраќај. Но, за ова треба одлука да донесат Министерството за финансии и Царинската управа.
Со ова граѓаните би имале послободен пристап до електронскиот пазар за стоки за широка потрошувачка во светот, а од друга страна ќе се стимулирал и развојот на поштенскиот сообраќај.
Граѓаните ќе имаат можност по поштенски пат да купуваат стоки за лична употреба за кои нема да плаќаат царински давачки при увоз. Споредено со патничкиот сообраќај, во кој е дозволено да се внесуваат стоки до 350 евра без да се платат царински давачки, во моментот ако тоа граѓаните го направат по поштенски пат и порачуваат преку интернет имаат право да не платат царинска давачка само ако стоката е во вредност од 45 евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа