Попоски на министерски состанок во Солун

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски денеска и утре во Солун ќе учествува на министерски состанок посветен на прекуграничната соработка во контекст на кризата со бегалците и мигрантите.

На состанокот, кој се одржува по иницијатива на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на Бугарија и на Албанија, Даниел Митов и  Дитмир Бушати, како и претставници на Министерствата за внатрешни работи на четирите земји.

Грчкото МНР соопшти дека на состанокот, како претставник на грчкото МВР ќе присуствува заменик-министерот за цивилна заштита Никос Тоскас.

На средбата ќе учествуваат и претставници на Европската комисија и на Министерството за надворешни работи на Холандија, како земја претседавач со Советот на Европската унија.

На денешниот состанок на министрите за надворешни работи главна тема на дискусија ќе бидат предизвиците на миграцијата и регионалната соработка.

На дневен ред на состаноците што ќе се одржат утре ќе бидат соработката во областа на граничното управување и борбата против трговијата со илегални мигранти и терористичките мрежи. Исто така, разговорите ќе се фокусираат и на хуманитарната димензија на миграцијата и ќе се истражуваат области за соработка и подобра координација за управување со бегалската и миграциската криза.

По завршувањето на состаноците планирано е да се одржи и прес конференција.

Состанокот во Солун е со цел зајакнување на дијалогот и проширување на перспективите за понатамошна прекугранична соработка во областа на координацијата и справувањето со заедничките предизвици, како што се бегалската и миграциската криза. 

 
 
21.04.2016 - 08:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега