Груевски: Граѓаните нека ги видат досиејата и нека проценат дали лустрираните постапувале правично

Граѓаните што помасовно да ја отворат веб страната на Комисијата за верификација на фактите и да ги прочитаат објавените документи па самите нека оценат дали тоа што го правеле лустрираните е правично, повика денеска премиерот на Република Македонија Никола Груевски. 

Груевски оцени дека процесот на лустрација не е антимакедонски.

- Не знам дали е антимакедонски кога цела Источна Европа го спроведе овој процес. Дали бил антилитвански, антибугарски, антиунгарски, античешки..., тоа е друго прашање, но јас би ги повикал граѓаните да ги прочитаат тие работи што се извадени на интернет, изјави Груевски.  

Според него, добро е што законот предвидува досиејата на оние што се лустрирани да бидат објавени на веб -страната на Комисијата за лустрација.

- Најдобро е мојот коментар да изостане, а граѓаните колку што можат помасовно за да се уверат дали правиме антимакедонски чекори да отворат и да прочитаат за секој, што пишува, што правел, како се однесувале, кои биле нивните активности и дали е тоа правично и добро тоа што го правеле. Ако оценат дека тоа што го правеле овие луѓе во тоа време е позитивно, паметно, промакедонски, тогаш јас ќе се согласам со констатацијата дека лустрацијата како процес е антимакедонска. Но, се плашам дека секој што ќе прочита длабоко ќе се замисли во какво време се живеело во минатото и дали оние луѓе коишто денеска реагираат имаат морално право тоа да го прават, изјави премиерот Груевски. 

најчитано сега