Родило се, ќе га љуљамо!

Пред од прилика месец дена цитирав што вели Владиката Данило во „Горски Вјенац“ – „Јанко брани Владисава мртва, што га брани кад га неодбрани?“ Бејли, Орав и останато друштво бранеа, бранеа ама не се добранува. По долга и тешка сопствена бламажа и погрешно одиграна карта, дипломатите одлучија „Rabbit & Company“ да ги пуштат низ вода.

Наводното лидерче на опозицијата научило текст на памет, па го изрецитира на својата прес конференција ама претходно ги замоли присутните и новинарите за тишина и да не го прекинуваат затоа што може да се збуни! ПР тимот му ги подготвил можните прашања, и тие ги изрецитира, а сите прашања сведени под заеднички именител беа дека ќе ја врател, ќе ја врател слободата.

Истата приказна од пред година дена, списокот не му бил до крај чист, медиумите не биле регулирани по негова желба. За тоа не требаше да чекаме година дена за да го слушнеме. Тие што малку разбиравме политика, знаевме дека ова ќе ни го каже и во Јануари и во Фебруари и во Април, и да му ги одложиме изборите и во Септември истото ќе го збори.

Дипломатите видоа дека Заев ги излизга со наводните 150.000 фантомски гласачи. Се уверија дека еден човек не бил запишан на повеќе места, по консултација со сопствените експрети во ДИК ги кренаа рамениците и си кажаа, а што друго ако не „вие ќе си одлучите“. Се уверија дека втората полуга на која играа т.н. Карла дел Понте од Гевгелија, очекуваа дека ќе најдат тешки криминали, а што добија? Кривична пријава за оние кои му ја пцуеле мајката и жената на Љубе.

Денеска министрите и замениците-министри од СДСМ во техничката влада најавија оставки. Најавија, ама не ги доставија до премиерот до 17 часот додека работи архивата на Владата на Р.Македонија, за да може истите да бидат проследени до Собранието. Што би рекол Бранко „Ем СДСМовчиња, ем мангупчиња“. Ем сакаат да се кошоперат со оставки, ем не им се напушта власта. Ем сакаат да не одат на избори, ама од друга страна и натаму да ги молат за да бидат важни. Во медиумите постојано да гледаме како некој странец доаѓа и се среќава со лидерчето на опозицијата.

Јас би сакал да им кажам неколку работи:

Прво: Каде пишува дека опозицијата мора да оди на избори? Кажете ми 1992 година пред изборите, кој беше власт кој беше опозиција? – Одговорот е никој. По изборите се искристализира опозицијата, тоа беше ВМРО-ДПМНЕ. На изборите 1994 година, кој беше опозиција? – Одговорот е повторно никој. Вториот круг ВМРО-ДПМНЕ и Демократска Партија на Гошев се откажаа од изборите, па потоа во парламентот се искристализира опозиција, а тоа беа 27-те пратеници на Либералната Партија. 1994 година, знаете ли дека имаше избирачи на избирачко место да гласаат со лични карти, но ги немаше на избирачкиот список? Такви беа многу. Знаете ли дали тие гласаа? Одговорот е да. Гласаа, и верувале или не изборната комисија со пенкало ги допишуваше во Избирачкиот список. Малку му беше тоа на СДСМ, па направи и фалсификат за претседателските избори истата 1994 година, со изборот на Киро Глигоров. Глигоров победи во првиот круг, ама овие допишаните со пенкало гласачи, не ги земаа во обзир туку рекоа дека тие биле во списокот, ама некаде на друго место запишани и не можеле да ги најдат. Ако и овие допишани со пенкало гласачи се земеа во обзир, Глигоров ќе мораше да оди во втор круг. За овој фалсификат ако СДСМ сака, можам да им дадам и сведок, а бидејќи многу сакаат такви, може да биде и заштитен. А, тоа е тогашниот човек кој што бил задолжен за спроведување на изборниот процес.

Второ: Кој гарантира дека СДСМ нема да оди на избори? Полека, и не брзајте со заклучоците. Можеби повторно ќе се јави некој Стевчо, и ќе оди на избори! Во исто време, Заев треба да им објасни на партиските колеги како тоа вршеше притисок и го кршеше партискиот став 2013-та година да не се оди на Локални избори наспроти ставот на СДСМ за бојкот на локалните избори. Кога се работеше за негови локални избори, тогаш партиската одлука за бојкот не му беше по воља, и кога јас одлучив да одам на избори ми праќаше пораки во кои што меѓу другото ми велеше дека се гордее што има храбар партиски другар како мене. Тогаш Јани Макрадули, Андреј Петров, Бранко Црвенковски, Шеќеринска, беа против нас и против одењето на локални избори, ама тој, јас и Зоран Дамјановски – Циц бевме за. Јас таа битка ја водев почесно од нив. Тие се обидоа да прават алтернативни листи и да протуркаат алтернативни градоначалници, јас не. Трпев до последните четири часа и ги почитував партиските ставови. Најголем притисок врз Циц во Куманово да оди на избори, односно, да дадат алтернативен градоначалник и листа за советници беше Оливер Спасовски, денешниот технички министер за внатрешни работи. За тоа имам и сведоци. Сакате јавни, или заштитени? Како милувате. Ако евентуално им требаат за нивниот партиски суд. Таа структура на СДСМ – Бранковситите тоа не му го забораваат на Заев. Сега ќе му вратат.

Трето: Груевски воопшто не треба да се колеба. Доста им попушташе. Им даде и списоци, им даде и техника и луѓе колку што сакаат. Прифати изборен модел каков што му одговара на СДСМ. Им прифати Специјално обвинителство, му одобри четири ипол милиони евра за да си ги вработат обвинителите своите роднини и пријатели. Им го направи и последниот ќеиф, прифати одлагање на 24-ти. Повеќе не треба да има дилеми, опозицијата ги „прекардаши“ сите граници на добро однесување. Државата не смее да трпи последици, а посебно не стопанството. Ако сакаат да одат на избори добро, ако не сакаат – нека се живи и здрави.

Четврто: Легитимно е партија која што не е подготвена да оди на избори, една од своите стратегии да и биде да не учествува на изборите и да измислува изговори. Можеби изборот да се биде вон-парламентарна партија е подобро решение отколку да се се биде парламентарна. Таква одлука донесе Љупчо Георгиевски 1994 година, и тоа му беше кредит за да победи на изборите 1998 година. Еве му шанса на СДСМ, да се реформира, да се консолидира, да си избере ново раководство, и на избори во 2020 година да излезе со нова понуда, и да излезе со нас останатите на избори се разбира, во рамноправен изборен натпревар. Дотогаш, до 2020 година може да го чисти Избирачкиот список колку сака, има можност сите 1.850.000 гласачи да ги проверува, и тоа не по еднаш туку по два три пати. Ако им треба, ќе им одобриме повеќе пари, нема проблем.

Да не се возбудуваме многу. Баба ми велеше „Родило се, ќе га љуљамо“. „Rabbit & Company“ ни родија проблем, ќе си го „љуљаме“ и со него ќе си живееме. Ништо страшно, жив човек е роден за маки, а нас политичарите што ни е работа освен да создаваме мачни политички ситуации и потоа сами да ги разрешуваме.

Стевчо ЈАКИМОВСКИ

 
 
08.04.2016 - 12:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега