Заев: Повикувам на широк граѓански фронт за слободна Македонија против Груевски

 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска повика на формирање на широк граѓански фронт за слободна Македонија. 

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција во седиштето на партијата истакна дека опозицијата ќе ги искористи сите средства кои и стојат на располагање согласно Уставот и законите во борбата за враќање на демократијата. 

- Повикувам на платформата за слободна Македонија да се приклучат коалициските партнери на СДСМ, политичките партии, невладините организации, здруженијата, синдикатите, интелектуалците, професорите, вработените, невработените, целата демократска јавност, сите борци за слобода, рече Заев. 

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со вчерашната еднострана одлука за распуштање на Парламентот направиле изборите да бидат невозможи на 5 јуни и го урнисале договорот од Пржино.

Според Заев, два од трите минимум услови за одржување на фер и демократски избори, а тоа се разграничувањето на партијата од државата и регулацијата на медиумите, не се исполнети, додека за третиот услов - прочистувањето на Избирачкиот список, рокот истекува на 16 април. 

Заев потврди дека во текот на вчерашниот ден имал разговори со евроамбасадорот Јоханес Хан и со амбасадорите на ЕУ и оти очекува тие да и помагаат на Македонија согласно законите и Уставот. 

Што се однесува до министрите чии оставки вчера не беа констатирани, Заев рече дека двајцата министри Оливер Спасовски и Фросина Ременски не можат да дозволат непочитување на законот. 

- Доаѓа судењето на „Диво Насеље“, а Оливер Спасовски е овластен за специјалните единици. Не може тој да не го потпише тоа или 47.000 граѓани да ја чекаат социјалната помош. Нема да дозволиме да патат граѓаните зад ваквата еднострана одлука на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Но, во сето тоа што е поврзано со изборниот процес, којшто веќе е некредибилен, нема да учествуваме, рече Заев.

Во однос на Специјалното јавно обвинителство и материјалите што ги доставиле од проектот „Вистината за Македонија, Заев рече дека нема да го чуди доколку го укинат СЈО преку Уставниот суд, но оти во тој случај сите доставени материјали треба да се вратат кај опозицијата. 

 
 
07.04.2016 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега