Охриѓани учат како да се движат на крстосници со кружен тек
Со промоција на едукативно Це-Де на кое се презентирани правилата и прописите за движење на кружните крстосници Општинскиот совет за безбедност на патиштата на Охрид ќе ги едуцира граѓаните како треба да се однесуваат како учесници во сообраќајот на местата каде сообраќајот е регулиран со кружен тек.
Станува збор за Проект „Како возиме на кружен“, во чии рамки денеска ќе се спроведе видео-презентација на правилата и прописите за движењето на кружните текови, а на новоизградената кружна крстосница на булеварот „Туристичка“ кај Градскиот пазар ќе биде поставен сообраќаен пункт каде претставници на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и на сообраќајната полиција, на учесниците во сообраќајот ќе им ги подели ЦД-ата со едукативниот материјал.
Целта на проектот „Како возиме на кружен“ е потсетување и запознавање со сообраќајните правила и прописи за безбедно одвивање на сообраќајот на кружни крстосници, подигнување на јавната свест за зголемена безбедност во сообраќајот, почитување на сообраќајните правила и прописи и унапредување на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот.
Долж булеварот „Туристичка“ што е главната сообраќајница во Охрид, од неодамна на сите пресеци со споредните улици сообраќајот се одвива по новоизградени кружни текови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа