ЕК: Важно е Комисијата за настаните од 24 декември да продолжи со работа

 

Европската комисија очекува формираната комисија за собраниските настани од 24 декември да продолжи нормално со работа, поради досегашниот напредок и покрај веста за оставка на претседателот Борче Давитковски, вели Петер Стано, портпарол на ЕК, во изјава за дописникот на МИА.

- ЕК ги виде извештаите во врска со писмото со оставка на професорот Давитковски, претседател на Комитетот за истрага на собраниските настани од 24 декември минатата година. Ние разбравме дека Комисијата постигнала напредок во работата и затоа е важно таа да продолжи со работа со цел да стигнат до заеднички договорени наоди и препораки за иднина. Тие препораки треба да бидат преведени во акција за да се обезбеди позитивна политичка агенда, потенцира портпаролот Стано.

Официјален Брисел, а посебно Филе и Генералниот директорат за проширување на Унијата се посебно заинтересирани за резултатите од работата на Комитетот за истрага на ланските декемвриски настани во и околу македонското Собрание, бидејќи октомврискиот прогрес-извештај на Европската комисија во многу ќе зависи и од успехот на Комитетот да ги расчисти минатогодишните инциденти во законодавниот дом.