Презентирани промотивни видеа за зачувување на природата во Македонија

Презентирани три промотивни видеа за подигнување на јавната свест за зачувување на природата и запознавање на различните заинтересирани страни, изработени во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија.

На промоцијата во киното Фросина, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири изрази благодарност до Швајцарија за поддршката на нашата држава, пред се на Министерството во делот на изготвување стратешки развојни документи, особено во Источниот плански регион и во напорите за заштита и зачувување на природните вредности и сливното подрачје на реката Брегалница.

- Заштитата и зачувувањето на природното наследство како една од приоритетните цели на Министерството бара и спроведување на активности за подигнување на јавната свест за заштита на природата и промоција на природното наследство пред пошироката домашна и меѓународна јавност. Оттаму ги поздравувам напорите во рамките на програмата да се промовира природното наследство во Источниот плански регион преку трите видеа, истакна Изаири.

Тој изрази надеж дека со презентирањето на природното наследство и запознавање и информирање на јавноста за природните вредности кои ги поседува нашата држава ќе влијаеме кон менување на навиките на локалното население кон развивање одговорен однос кон природното наследство засновано на обезбедување одржлив развој и поширока промоција на националното природно богатство.

Швајцарската амбасадорка во  Македонија Сибил Сутер Техада изрази задоволство од резултатите постигнати од спроведувањето на програмата во 2015 година. 

- Источниот дел од земјата, поточно речниот слив на реката Брегалница е препознатлив по својата биолошка разновидност и богатството со природни ресурси. Поради тоа Швајцарската агенција за развој и соработка во 2012 година одлучи да ја спроведе програмата за зачувување на природата во овој регион со крајна цел да придонесе за подобар живот на локалните жители преку ефикасна заштита на природата и одржливо користење на природните ресурси, истакна Сибил Сутер Техада.

Националниот тим лидер на програмата Марјана Шушлевска, рече дека таа промовира холистички пристап во спроведувањето на активностите и е насочена  на национално, регионално и локално ниво со посебен фокус кон сливот на река Брегалница и Источниот плански регион, како идеја има  за  цел  да  и  помогне  на Македонија да ја зачува биолошката разновидност и природните екосистеми преку нивно одржливо управување и користење.

Видеото „Чекор понапред во зачувувањето на природата во Македонија“ дава ретроспектива на  реализираните  активности  на  Програмскиот  тим  за координација  и  партнерите,  преку интегрирање на сите различни аспекти кои влијаат на зачувувањето на природните вредности и промоција на различните пристапи кон одржливо користење на природните ресурси.

Видеото „Кон одржливо управување со шумите“ е видео кое го свртува вниманието кон шумите -  еден од најважните природни ресурси што ги има Брегалничкиот регион и дава еден поинаков приод за нивно одржливо користење, со акцент на екосистемските вредности на шумите, а не само економската вредност од нивната експлоатација. 

Видеото „Биолошката разновидност  во сливот на река Брегалница“ првпат го презентира големото богатство на различни видови на растенија и животни, како и пределската разновидност во Брегалничкиот  слив,  како  резултат  на  сеопфатниот  пристап  во  Анализа  на  недостатоци  во еколошките податоци и изработка на еколошка мапа на сензитивност за Брегалничкиот слив, кои беа реализирани во рамки на Програмата.  

Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од „Хелевтас Свис Интеркорпорејшн“ и „Фармахем“ од Скопје ѝ помага во остварување на барањата на НАТУРА 2000, еден од предусловите за членство во ЕУ. 

Центарот  за  развој  на  Источен  плански  регион  е  стратешки  партнер  на  Програмата,  а реализацијата на програмските активности е во партнерство со Министерството за животна средина и  просторно  планирање,  општините  кои  гравитираат  кон  Брегалничкиот  слив,  Агенцијата за планирање  на  просторот,  Министерството  за  земјоделство,  шумарство  и  водостопанство  и Шумарскиот факултет во Скопје.

 
 
18.03.2016 - 15:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега