Нови мамографи во Скопје, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш и Македонска Каменица

Министерството за здравство спроведе набавка на нови пет дополнителни мамографи во вредност од 39 милиони денари за Здравствен дом Скопје, општите болници во Кавадарци и Гевгелија, Здравствен дом Радовиш и Здравствена станица во Македонска Каменица.

Се очекува новите мамографи да бидат испорачани до крајот на мај или почетокот на јуни, да се инсталираат и да се стават во функција на пациентите во овие пет здравствени центри.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека постапката за јавна набавка е завршена, донесена е одлуката за избор, се чекаат процедурите на рокот на жалба по што ќе следува потпишување на договори. 

Имајќи предвид дека навремената дијагностика на малигните заболувања е клучна за навремен третман, посочи, инвестираме во набавка на нови мамографи за дијагностика на карцином на дојка како најчесто малигно заболување кај женската популација.

- Со новите најсовремени мамографи значително ќе се унапредат и зајакнат овие установи. На пример Македонска Каменица досега никогаш немала мамограф. Со набавката на овој мамограф ќе се овоможи оваа услуга да се дава за жителите на Македонска Каменица во нивното место на живеење, а не како досега да треба да патуваат во некој од околните здравствени центри, нагласи Тодоров.

Потенцира дека за таа цел со набавката на мамографот веќе се врши едукација на специјалист радиолог од оваа здравствена установа. Исто така, истакна министерот, и во Кавадарци за првпат ќе се воведе оваа дијагностика, за што веќе е комплетно адаптиран простор во Општата болница во градот. 

- Во Гевгелија претходно имаше мамограф, кој беше стар и дотрајан и подолго време веќе надвор од функција. Со набавката на новиот мамограф таму ќе продолжи оваа дијагностичка процедура. Досега пациентите од Гевгелија беа упатувани во Струмица. Во текот на изминатиот период од нешто повеќе од една година набавивме шест и овие пет - 11 нови мамографи, рече Тодоров.

Укажа дека претходно набавените шест мамографи кои во најголем дел веќе се ставени во функција на пациентите, биле набавени за општите болници во Охрид, Велес, Кочани, Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, Клиничката болница во Штип и Општата болница во Прилеп.

Со набавката на нови мамографи, истакна министерот, овозможуваме доближување на оваа значајна дијагностика поблиску до местото на живеење на пациентките, зголемување на бројот на термини за мамографија, ехо дијагностика, мамографски скрининг, а со тоа и сериозно намалување на времето на чекање за добивање на оваа здравствена услуга.

- На пример на Клиниката за радиологија е воведена и втора смена секој ден во дел од деновите со термини за мамографија и ехо на дојка, а дел се опфатени термините со мамографскиот скрининг со што за околу три пати е зголемен бројот на термини во однос на термините што претходно биле обезбедени за оваа дијагностичка процедура, рече Тодоров.

Појасни дека станува збор за дигитални мамографи, кои во споредба со претходните аналогни мамографи, овозможуваат многу појасна слика, понапредна и попрецизна дијагностика, а имаат и можност за т.н. „computer aided detection“ односно компјутерски потпомогната детекција, што претставува еден вид „второ мислење“ и дополнително ја потврдува точноста на наодот односно скоро на минимум ја сведува можноста докторот за згреши односно да не види определена промена и на тој начин да има погрешен наод. Исто така, дигиталните мамографи овозможуваат и вмрежување на сите апарати со цел централизирано следење на нивните перформанси.  

- Овие апарати се од клучно значење и за спроведувањето на мамографскиот скрининг, кој Министерството за здравство го отпочна пред речиси една година. Со новите мамографи ќе овозможиме вклучување и на нови установи во скринингот, односно ќе го зголемиме опфатот и со тоа ќе се зголеми и бројот на превентивни мамографски прегледи, што е една од најзначајните мерки за рано откривање на карцином на дојка. Во моментот, скринингот се спроведува во 15 јавни здравствени установи во државата, посочи Тодоров.

Скринингот, нагласи, се одвива со повеќе од задоволителна динамика, имајќи предвид дека имаме околу 50 проценти одзив кај жените на возраст од 50-55 години, што според европските стандарди се смета за оправдан одзив, и од економски и од медицински аспект.

Според него, особено е ова значајно затоа што кога почнале со мамографскиот скрининг одзивот на поканетите жени бил околу 20 отсто, а сега тој се искачил на 50 проценти, што значи се зголемува опфатот на оние жени кои се прегледани и се зголемува можноста за рано откривање на рак дојка.

Истакна дека од 18 февруари до денеска, како резултат на тоа што одѕивот се зголемил од 20 на 50 проценти, биле детектирани шест високо суспектни случаи кои се испратени на хирург. Претходно, седум случаи биле детектирани за 10 месеци.

- Тоа значи дека за еден месец се испратени толку колку што претходно се испратени за 10 месеци, имајќи предвид дека се зголемува одѕивот и на тој начин во многу порана фаза се детектирани промени кои ќе овозможат многу подобар третман, па дури и излекување на оние пациенти кај кои е детектирано ова малигно заболување. Според податоците од системот „МојТермин“ досега се извршени 8.510 мамографски скрининзи, 1.602 жени се упатени на дополнителни испитувања (од кои 17 на дополнителни мамографски проекции, 1.490 на ултразвук, 28 на тенкоиглена биопсија, 14 на кор биопсија и 13 на торакален хирург), рече Тодоров.

Потенцира дека овие мерки и проекти на Министерството за здравство се во насока на унапредување на здравствената заштита и навремена дијагностика на заболувањата особено на најчестото малигно заболување кај жените кое се детектира со мамографите. Токму затоа, додаде министерот, континуирано инвестираме во овој сегмент на здравствена заштита.

 
 
18.03.2016 - 14:39
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега