Стартува „Битола Шекспир фестивал“

Република Македонија од денеска се вбројува во една од ретките држави во светот која го слави делото на Вилијам Шекспир, ќе биде домаќин и организатор на првиот театарски „Битола Шекспир фестивал“ на кој ќе учествуваат националните театари од Кина, Русија, САД, Србија и Финска.
 
Во пресрет на вечерашното отворање во големата сала на НУ Центар за култура каде актери од НУ Народен театар-Битола и театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Ст. Петербург, Русија, ќе ја изведат претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски, директорот на битолскиот театар Валентин Светозарев истакна дека со овој фестивал македонскиот театар уште еднаш го потврдува својот квалитет во Европа и Светот.
  - Од Гдањск во Полска до Египет на театарската мапа нема ваков театарски фестивал. Ако се исклучат тетарските манифестации и фестивали посветени на Шекспир во Велика Британија и САД, тогаш слободно може да се каже дека Република Македонија се вбројува во ретките држави од светот која го слави делото на Вилијам Шекспир, а Битола како град има посебна причина да го прави тоа бидејќи годинава се навршуваат 50 години откако прв пат во 1963 година на матичната сцена беше одигран Хамлет чија улога му беше доверена на големиот бард на македонското глумиште Ацо Стефановски, рече Светозарев.
  
- За време на седумдневниот престој на актерите од Русија, САД, Финска, Србија и Кина ќе се одржат и работилница под менторство на Џиа Форакис од Њујорк, панел дискусија на тема „Шекспир денес“, изложба на театарски плакат од претставите на Шекспир одиграни во битолскиот театар, а поставени се рекордни 21-на. Очекуваме да потпишеме и два договора, еден со Националниот театар од Пекинг за наше гостување во Кина и друг договор за директна соработка со рускиот театар „Таганка“ од Москва, најави уметничкиот директор на битолскиот театар Благој Мицевски.
 
Првото издание на „Битола Шекспир фестивал“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и е во рамки на битолскиот летен фестивал „БитФест“. 

најчитано сега