Весна Бејби и Игор Џамбазов ќе запливат во брачните води - среќно!
Игор Џамбазов и Весна Петрушевска – Бејби на 27 март ќе ја промовираат нивната најнова претстава со наслов „ Брачна игра“ работена по текст на Едвард Олби, а во режија Тони Михајловски.
"Иницијативата за овој проект е на Џамбазов и на Весна", истакна Михајловски на вчерашната прес-конфереција, а кому, како што рече, му припаднала честа да биде координатор на драмските дејствија. "Брачна игра" е претстава напишана за во целост да може да се распостелат женскиот и машкиот лик и, како што истакна Весна Бејби, таа е идеална прилика да се доживее сето она што тие немале можност да го кажат и направат во реалниот живот.
Џамбазов, пак, истакна дека многумина му рекле дека "Брачна игра" е негово враќање на штиците што живот значат, но тој мисли поинаку.
"Претставата не е мое враќање, туку навраќање. А не сум заборавил да глумам, зашто три работи не се забораваат во животот – водење љубов, возење велосипед и глумење", рече Игор.
Претставата ќе се игра на малата сцена од Македонскиот народен театар, а цената на билетите за премиерната изведба ќе биде 1.000, додека за следните изведби 600 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа