Јајцата на СОРОС

Среќа што испадна гужвата со Уставниот суд и Законот за помилувањето. Зашто мислев дека има многу граѓани што не чуле, кои не знаат дека во оваа земја постои Уставен суд. Или дека се меѓу оние 600.000 за кои велат дека се иселиле од Македонија. Оти ги баравме луѓето кога на времето Уставниот суд донесе одлука дека кога знамето на Република Албанија, значи знамето на една странска држава, се вее на територија на Република Македонија, тогаш не е државно знаме, туку национално знаме на Албанците кое не го загрозува суверенитетот на нашата држава.

Ги баравме, ама ги немаше. Потоа ги баравме кога врз основа на едно убедливо моронско автентично толкување на Законот за амнестијата (подготвен своевремено од страна на Иџет Мемети, тогаш министер за правда, а сега народен правобранител), беа амнестирани сите осомничени (или обвинети) од т.н. четирите хашки случаи за воени злосторства. Ќе признаете, резбањето на грбот на мавровските работници (да не ги набројуваме другите дела) е прилично посериозен криминал од тоа дали некој сторил изборна измама. Настрана тоа што Мемети, кој од почетокот ја туркаше тезата дека Законот за амнестијата од 2002 година ги опфаќа и воените злосторства, подоцна стана и с` уште е народен правобранител. Што, значи, тој е правобранител кој се грижи за правата на сите, вклучувајќи ги и мавровските работници. А не е некаква ватиканска тајна дека воените злосторства не можат се амнестираат, дека тоа е спротивно на меѓународното право и дека токму поради тоа, тие се единствени кривични дела кои не застаруваат. Е, ама овие борциве за правна држава ги немаше. Не им дале налог да излезат. Плус, во тоа време Уставниот суд беше во старата зграда. Да ти е мерак да фрлаш по неа со јајца. Зашто, ако денес некој амнестирал резбање на туѓ грб, утре некој друг ќе амнестира резбање на твојот или на грбот на твоето дете. Само доколку каже дека се бори за своите права. А од ова дело до тоа дали некаде имало ливче-две плус или минус, има мала разлика, нели? Прашуваме онака, принципиелно.

Никого немаше ни кога Томе Тодоровски и Тодор Петров поднесоа иницијативи за оценка на Законот за специјалното обвинителство. Еве, кај и да е, веќе четврти месец судот нема абер да ја стави иницијативата на дневен ред наспроти оваа за Законот за помилувањето. Не се најде храбар Соросов маж со две јајца во раката кој би ја презел на свој грб иницијативата што Тодоровски ја повлече, евидентно под притисок. Со транспарент – него го уплашивте, мене не! Е, сега, злобници тврдат дека тоа не е поради отсуство на принципиелна борба на соросовци за правна држава, туку затоа што кога Тодоровски ја повлече иницијативата, Сорос останал без посебна салама за сендвичи и без јајца. Тоа што ние пустите мислевме дека слободата на Македонија и нејзиниот правен систем не зависат од 20 грама салама направени од опашката на некоја свиња или копитата на некој друг заклан добиток, очигледно е наш проблем.

Е, ама немало потреба да бидеме загрижени. Луѓето биле тука. Не биле иселени. И знаеле каде е Уставниот суд. Така што сега ни е помирна душата.

Тоа што Сорос собра некоја група луѓе – во ред. Си ја тера Владе Милчин своја работа. Тоа што Трендафил Ивановски се меша во оваа работа, исто така е во ред. Лустриран беше човекот и сега нормално и тој ќе си ја тера својата агенда. Ама што се мешаат во оваа работа и некои други кога постапката е во стадиум на прифатена иницијатива, што може, но и не мора да значи ништо, не е баш најјасно. А внимавајте, во овој момент ниту има посериозни дела за изборни измами (што ќе испадне од театарот на Kатица и Фатиме допрва ќе видиме) ниту, пак, постои каква било индиција дека претседателот на државата би си дозволил луксуз да ја примени евентуалната законска одредба која му дава право да помилува такви лица. Значи, километри сме далеку, прво од одлука на Уставниот суд, а уште повеќе километри сме далеку од тоа дека Иванов би ја применил можноста што би му ја дала претпоставената одлука. А медиумите кои се финансираат со американски, британски, холандски и со германски пари веќе создадоа атмосфера како Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски да се осудени, а претседателот Иванов да донел акт за нивно помилување. Kако ова функционира од аспект на медиумските стандарди (нели, наводно, за нивно подигање странски влади ја финансираат секоја повраќаница во Македонија) е посебно прашање за кое одговор веќе се знае: ваква мизерија, господо амбасадори, ниту имало ниту ќе има. Интернет-страниците на ВМРО може само бурек да им купуваат и вода да им носат на овие вашиве. Со македонски пари.

Ако не се лажам, Питер ван Хут уште е во Скопје. Изгледа човекот, откако се загуби барајќи го Музејот на ВМРО, сега не може да го најде ни аеродромот? Може ли една молба до министерката Ременски? На вакви лица, наши државјани, обично повозрасни кои тешко се снаоѓаат, им следува дополнителна нега која вклучува и човек што им помага. Може ли истото да се стори и за Белгиецот? Да се потруди министерството да му најде човек што ќе му помогне да го види патот до „Александар Велики“. Па, нека си бара после Ременски од Брисел поврат на парите. И да не ги добие – не е катастрофа. Зашто, ние, пред с`, треба да бидеме хумани. И да не ги оставаме ваквите луѓе на милост и немилост на природата, која често знае да биде безмилосна.

Се разбира, под услов ВМРО-ДПМНЕ да си остане на зборот и да не преговара понатаму со него. Хм, ај да не велиме два пати. Kако тргнало…

Ако не сте забележале, Македонија во овој момент има тројца премиери. Еден во сенка – Никола Груевски, еден технички – Емил Димитриев и еден вистински – шефот на шефовите од странските амбасадори, кој има и свој заменик. Другите се само потрчковци. Е, сега, по објавувањето на приватните снимки на Латас и Иванов, би било добро овие тројца премиери и заменикот на вистинскиот премиер да седнат и да го решат овој проблем. Сосе чадорот, сосе амбасадорот кој му бркал работа за виза на Верушевски. Оти господа премиери, зајде оваа работа. Па, ако ова не можете да го решите, тогаш оној Прибе, со кој ни мавтате пред очи, закачете си го на чело. Врамете го во рамка и испратете им го и на Могерини и на Хан. И да не го споменувате повеќе.

Дарко ЈАНЕВСКИ за ДНЕВНИК

 
 
01.03.2016 - 11:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега