Играат ли Путин и Асад добар и лош полицаец?

Форбс - Њујорк

Конечно во руските медиуми почна да се изнесува следното мислење: сирискиот претседател Башар ал Асад се повеќе излегува од контролата на Москва.

Според тој став, Москва бара од Асад да склучи мир во рамките на женевскиот процес, додека тој инсистира на воена и политичка поддршка. На пример, кога руското Министерство ги повика „сите партнери“ да го поддржат договорот за запирање на непријателските активности, постигнат на почетокото на месецов во Минхен, Асад наместо тоа објави дека ќе продолжи да се бори додека не ја поврати под контрола целата територија на Сирија.

И во последниве неколку дена се појавија наслови, како „Асад не сака да се придржува кон примирјето објавено од Русија“.

Сепак, некои руски аналитичари изразија несогласување со тој став. Александр Шумилин, директор на Центарот за анализа на блискоисточи конфликти во Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките, смета дека Русија и Сирија си играат со Западот.

- Да се каже дека Асад ја повлекува надолу наивната Москва е наивно. Се разбира, тој не може ништо да направи без Москва. Во Сирија, главно бомбардира Русија, а не Асад, рече тој во интервју за „Новаја газета“, еден од малкуте преостанати независни весници во Русија.

Спротивно на позицијата на Москва, дека сите бунтовници во Сирија се терористи, Шумилин во октомври 2015 пишуваше дека постои умерена сириска опозиција. Тој открива дека повеќето од руските воздушни удари не биле против групата Исламска држава.

- Се создава воопшто незабавна слика: умерениот фронт против Асад започнува да биде притискан од две страни - владината армија со поддршка од руските воздухопловни сили од запад и терористите од ИД од исток, смета тој.

Политичкиот аналитичар Андреј Пјонтковски го опишува однесувањето ан Русија во Сирија како „апсурдна жестина“ која „ќе ги затруве за идните векови“ односите на Русија со исламскиот свет.

- Денес е невозможно да се сокријат злосторствата на руските воздухопловни сили во северна Сирија, напиша тој на неговиот блог во весникот „Ехото на Москва“.

Тоа и луѓето во Кремљ повеќе не го кријат. Тие конечно ја прифатија дефиницијата на Асад за терористи - терористи се сите кои се противат на законскиот претседател Асад, кој легитимно уби стотици илјади свои сограѓани, а исто и членови на нивните семејства, соседи, пациенти во болници, ученици во училишта, случајни минувачи.

Минатиот месец поранешниот украински министер за надворешни работи Володомир Огризко напиша дека со своите периодични жалби дека сака да се откаже од Асад, Москва всушност сака да му покаже на Западот: „Гледате, ние сме добри, го молевме Асад да си оди, но тој не се согласи“.

Огризко потсетува дека Кремљ дејствуваше на сличен начин и во Украина, форсирајќи ја тезата: „Ние се стремиме кон договор, но бунтовниците (проруските сепаратисти) ни пречат“.

Би било корисно во следните недели да следиме дали Асад навистина излегол од котролата на Москва или Путин и Асад едноставно многу добро ја играат играта на добар и лош полицаец.

 
 
25.02.2016 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега