Почнуваат Деновите на светската книжевност

Со „Празникот на пролетта во кинеската книжевност“, денеска почнува серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ чија цел е популаризација на книгата.

„Празникот на пролетта во кинеската книжевност“ се организира  во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

За значењето на овој празник и за антологиските поетски творби инспирирани од него ќе зборува Игор Радев. Сите љубители на пишаниот збор, пак, кои ќе присуствуваат на настанот, ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од кинеските великани преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Најважниот и најдолгиот традиционален празник во Кина е Празникот на пролетта, односно кинеската Нова година, која се одбележува во континуитет веќе 4000 години. Овој семеен празник трае 15 дена и датумите на кои се одбележува се менуваат секоја година согласно лунарниот календар. Оваа година Новата година започна на 8 февруари, а одблежувањето заврши со Празникот на фенерите на 22 февруари. Генерации поети и писатели во своите дела ги имаат опеано и овековечено обичаите, обредите и симболите поврзани со овој празник. Големата полна месечина чиј сјај е засилен од светлината на фенерите на последниот ден на овој празник, е важен мотив во лирските творби на многу значајни кинески поети.

Во текот на целата 2016 година во НУБ „Св. Климент Охридски“ континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од македонската тековна и актуелна книжна продукција и од капиталните издавачки проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и придружни манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.

Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори. Библиотеката ќе биде отворена за македонските автори од сите генерации кои имаат објавено книжевни дела со високи естетски вредности, ќе им овозможи промовирање и остварување непосредни средби со љубителите на нивните книжевни дела и со заинтересираните читатели. 

 
 
24.02.2016 - 08:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега