Продолжи судењето за хоророт во Дивата населба

Судскиот процес против 29 лица обвинети за настаните во кумановската Дива населба кои се случија во мај минатата година денеска продолжи во скопскиот Кривичен суд, без присуство на новинарски екипи.

Новинарите не можеа да го следат судскиот процес, бидејќи во судницата нема доволно простор. Во врска со тоа од Судот појаснија дека во судницата има место за само неколку претставници на медиумите, но од новинарите никој не влезе на судењето.

Претходните две рочишта се одржаа во големата сала на Врховниот суд, која денеска се реновира.

Обвинетите за случајот Дива населба се товарат за тероризам и учество во терористичка организација.

На претходните рочишта обвинетите се изјаснија дека се невини и одбраната побара случајот да биде преземен од Специјалното јавно обвинителство. Судијата одговори дека предметот ќе биде предаден на ова обвинителство доколку оттаму пристигне такво барање до судот.

Обвинителството тврди дека нападот во Дива населба бил добро организиран, а обвинетите настапиле со директна умисла.

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Од Судот најавуваат дека за следното рочиште ќе обезбедат видео врска од судењето, кое новинарите ќе можат да го следат од судската библиотека.

 
 
23.02.2016 - 15:29
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега