Преку 70 точки на 92. собраниска седница

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 92. седница, треба да расправа по вкупно 73 точки.

Пред пратениците се предлог-закони од повеќе сфери: екологија, земјоделство, труд и социјала, здравство, финансии, култура, сообраќај,..., како и неколку барања за давање автентични толкувања и ратификации на спогодби.

На дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за минимална плата поднесен од Павле Трајанов, измените и дополнувањата на Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто поднесен од Енес Ибрахим, измените на Законот за Владата поднесен од група опозициски пратеници, измените и дополнувањата на Законот за политички партии поднесен од Лилјана Поповска и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој поднесен од група опозициски пратеници, сите во прво читање.

Собранието ќе расправа и по дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, како и по измените и дополнувањата на законите за возила, за минерални суровини, за јавните претпријатија, за тутун и тутунски производи, за квалитет и безбедност на ѓубриња, биосимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, за производи за заштита на растенијата, за виното, за шумите, за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, за здравјето на растенијата, за земјоделското земјиште, за земјоделски задруги, за квалитетот на земјоделските производи, за безбедност на храната,  за сточарството, за заштита на природата, за животната средина, за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини,  за управување со отпадот, за управување со батерии и акумулатори, сите по скратена постапка.

Разгледани ќе бидат и измените и дополнувањата на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, за органско земјоделско производство, за рибарство и аквакултура, за вршење земјоделска дејност, за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, за управување со пакување и отпад од пакувањето, за градење,  за културата, за библиотеките,  за филмската дејност,  за аудиовизуелните добра, за угостителска дејност, за заштита на културното наследство, за музеите, како и за пожарникарството, сите, исто така по скратена постапка.

На седницата треба да бидат разгледани и предлог-измените и дполнувањата на законите за здравствена заштита, за здравственото осигурување и за јавно здравје, Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2016 година, како и Информацијата за општите состојби во образованието во Република Македонија и ефектите од екстерното тестирање во основното и средното образование, поднесена од група опозициски пратеници. 

 
 
22.02.2016 - 08:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега