80 годишен старец претепан до смрт во Мариовско

Осумдесетгодишен жител на мариовското село Маково денеска бил претепан до смрт, од помладо лице. Мотивите за физичкиот напад засега не се познати, а според неофицијални информации, полицијата веќе го привела осомничениот.

Од битолската клиничка болница потврдуваат дека попладнево на ургентното одделение бил донесен повозрасен маж со тешки телесни повреди по главата и целото тело. Тој веднаш бил префрлен на одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување, но по кратко време им подлегнал на повредите.

-Пациентот е донесен со живото-загрозувачки повреди, направена е интензивна реанимација, ставен е на машина за дишење, но само по половина час заради типот на повредите починал – вели портпаролката на битолската клиничка болница, Јагода Стојановска.

Од СВР Битола, првично информираат дека денеска околу 14 часот е пријавено дека бил извршен физички напад врз старец, кој по 16 часот починал во болницата во Битола.

Портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова, вели дека полицијата се уште врши увид на местото на настанот, каде е присутен и јавен обвинител, но детали за случајот засега не се откриваат.

 
 
21.02.2016 - 18:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега