Амбасадорите на САД и на ЕУ Бејли и Орав на средба во ДИК

Амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, денеска имаа средба со членовите на Државната изборна комисија.

Амбасадорите Бејли и Орав, како што информира ДИК, ја нагласија поддршката за работата на Државната изборна комисија во нејзините заложби за организирање и спроведување фер и демократски избори.

Бејли и Орав изразиле интерес за надлежностите на ДИК, како кадровската екипираност, финансирањето на активностите на ДИК, оперативните планови за спроведувањето на активности пред и по распишување на изборите, напредокот во процесот на имплементација на двата Правилника за методологии за водење и ажурирање, како и вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.

Државната изборна комисија иинформира дека сите 10 бази на податоци добиени од соодветните институции се веќе вчитани во серверот на ДИК. Во моментов, како што се наведува, во тек е процесот на стандардизирање, нормализирање и валидизација на податоците од базите. Овој процес го вршат консултанти за ИТ, ангажирани од ДИК, а предложени од четирите најголеми политички партии. Нивната работа ја координира меѓународен експерт за ИТ ангажиран од ИФЕС. По комплетирањето на процесот, ќе следува изготвувањето и усвојувањето на тестови за вршење на вкрстените проверки, по што ќе отпочнат и вкрстените проверки.

Од ДИК информираат дека од формирањето до денес посветено и одговорно работат на остварување на своите надлежности.

- Сите важни одлуки и акти во досегашното работење ДИК ги донесе со консензус, а на ист начин работи и одлучува и тимот на консултанти за ИТ. Во фокусот на ДИК секогаш е избирачкото право како уставно загарантирано човеково право и во ДИК постои согласност дека целиот процес мора да се заврши квалитетно, со цел зајакнување на довербата во изборите кај сите актери во процесот, се вели во соопштението од Државната изборна комисија. 

 
 
17.02.2016 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега