Климовски: Аматерски потег на СДСМ и СЈО - еден најави, друг испорачува
За актуелните политички состојби, работата на СЈО и соработката меѓу Јанева и СДСМ, говореше универзитетскиот професор Александар Климовски, во емисијата на новинарот Јанко Илковски на Сител3.
-Бевме сведоци на една квази-спектакуларна прес-конференција на СЈО. Тоа беше обраќање без поенти, без докази и наликуваше повеќе на еден есеј без јасен, прецизен и конкретен перформанс што би бил иманентен за еден јавен обвинител и нејзините помошници. Во декларатовна форма, без поента и докази. Беше објавено дека е покрената истрага за 5 судии од Управниот суд, меѓу другото. Што е поентата уште на првото дело да се врши истрага за судии од овој суд? Болката е следна. Поништени им се решенијата со кои беа сменети началниците во полиција од страна на техничкиот министер Оливер Спасовски, тој постави негови луѓе со рипање на 7-8 скалила, како и на Фросина Ременски на директорите на одредени институции од социјалната сфера. По мое видување, зошто фокусот на првото дело, на првата истрага е насочено кон оваа институција? За тие да се заплашат и во иднина „тие како ќе пејат, овие така да играат“, рече професорот.
Според него, ова се прави за под притисок судиите да прифаќаат и незаконски решенија под притисок од Специјалното јавно обвинителство кои ќе ги наметне Зоран Заев.
-Судиите не се уплашија. Сите пресуди кои ги донесоа се издржани. Се товарат за одредени, како што се шпекулира, манипулации на изборите. Тука постои само сомнеж, а не утврдено дело. Беа побарани од СЈО притвори за 9 луѓе. Пазете за кои дела: злосторничко здружување, повреда на избирачко право, уништување на изборен материјал, поткуп при избори и гласање и слични дела кои ја опфаќаат главата на кривичните дела за избори и гласањето. За да биде апсурдот поголем, непосредно пред избори се оди на гонење за кривични дела и се поведува постапка за клучни, битни фигури кои би обезбедиле поголем број на гласови за партијата. Да не наведувам кои беа на распит повикувани, тоа се луѓе кои се инфилтрирани во партијата и со своја активност со години создаваат круг на луѓе. Ако тоа не е притисок пред избори, што е притисок?, потенцира Климовски на Сител 3.
Смета дека СДСМ и СЈО постапиле многу аматерски.
– СДСМ излага дента и Заев вика дека СЈО мора да испорача резултати, а наредниот ден Јанева држи прес-конференција со насмевка на лице дека веќе почнала да гони, дека испорачува резултати. Заев вика треба да испорачаат резултати, наредниот ден Јанева испорачува резултати. Тоа е чист аматеризам. За Темелко, пак, се работи за 400 гласачи, парадоксално е што тие влијаеле на изборите тогаш, ако воопшто влијаеле, тоа ќе видиме на изборите. Со 400 гласа влијаеле за да се загрози победата на СДСМ во тоа време. Тие викаат „Ни ја украдовте победата, ни украдовте гласови“. Со 400 гласови? Апсурд!, заклучува професорот.
Во емисијата на Јанко Илковски, Климовски потенцира дека граѓаните на Пустец имаат право да гласаат на избори доколку имаат лична карта со живеалиште во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа