Кога омразата станува слепило, лудоста и одмаздата се мерило

Македонците по секое искушение и предизвик се пообединети, поединствени и посилни. Велат, така се калеше челикот…

Завчера, Кривичниот суд во Приштина на Косово ги ослободи Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, и двајцата првообвинети за масакрот кај Смилковското езерце на 12 април 2012 година. Кривичниот суд во Приштина го отфрли барањето за нивна екстрадиција поднесено од Министерството за правда и Судот во Македонија. СДСМ и неговите портали и СОРОС инсталации тоа ниту го забележаа. Владата на СДСМ заради коалицијата со ПДП и претседателскиот мандат на покојникот Киро Глигоров, во 1994 година издаде 150.000 лични карти и државјанства на Албанци од Косово, со што трајно ја промени етничката и верската карта на Македонија. СДСМ и неговите портали и СОРОС инсталации ниту тоа, го забележаа. Албанците на Косово во содејство со манипулациите на министерот за правда од ДУИ ни одржаа лекција како се штитат своите од другите. Далеку од тоа “нашите“ заради криминал да ги штитиме…

За жал, вчера бевме сведоци на една маскарада: Специјалното јавно обвинителство на Македонија, без компас во времето и просторот, со сите ментори зад него, без никакво чувство на државничка одговорност, но со очигледна порака и намера, преку своите амазонки како што самите ги нарекуваат, огласи една срамна мерка: Приведување по негова наредба, на единствениот Македонец градоначалник на општина Пустец во соседна Албанија, Едмонд Темелко, со обвинение повреда на избирачкото право и повреда на слободата на определувањето на избирачите во 2012 година. Приведен е противправно, без налог, со насилно влегување во неговиот дом, дигнат од кревет, со лисици на раце во пет часот наутро, со закана од полицајците “ќе видиш што ќе те снајде“, како да станува збор за најголем криминалец во Европа…

Со тоа, амазонките на специјалката создадоа првокласна вест во Албанија и Бугарија, на која ликуваа сите душмани и антимакедонски сили заедно. Ај да има вина, ќе кажиш, ако е. Никој никого не амнестира. Но, зошто притвор за Едмонд Темелко? Затоа што мнозинството Македонци од Мала Преспа гласаат за ВМРО-ДПМНЕ? Затоа што СДСМ власта во Ресен ја изгуби поради Македонците од Мала Преспа? Оваа одмаздничка операција за нарушување на честа и угледот на Едмонд Темелко не е само против него, туку против сите Македонци во Албанија и Македонците од Мала Преспа со македонско државјанство лични карти и пасоши, повеќето со куќи, бизниси и легално живеалиште во Ресен, преспанско. Ова мајтапење ќе остави траги во свеста, ќе го паметат Македонците од секаде. И, после вакви операции, поглаварството на СДСМ очекува од овие луѓе доверба и гласови?

Македонците во Албанија и во светот се згрозени од приведувањето на Едмонд Темелко и побараа негово итно и безусловно ослободување и извинување за повреда на честа и угледот! Се разбира, ги олабави тензиите од вчерашниот тежок ден, решението на истражниот судија од денес во раните утрински часови со кое го отфрли барањето на Специјалното јавно обвинителство за мерка притвор против Едмонд Темелко пуштајќи го на слобода. Патем, Едмонд Темелко ја ужива довербата на Македонците во Албанија за градоначалник на општина Пустец со три мандати, претседател е на единствена Македонска партија во Албанија и е најзаслужен за унапредувањето на положбата и правата на Македонците на целата територија на Република Албанија! Се разбира, тоа не го ослободува од вина ако стори кривично дело, како и секој државјанин на Македонија. Но, во случајов, приведувањето со барање за притвор на Едмонд Темелко претставува срамно антимакедонско и антидржавно однесување, со долгорочни последици по положбата и правата на Македонците во Република Албанија! Грев било да влијаеш на избирачите? Затоа што Едомнд Темелко бил за ВМРО-ДПМНЕ па така агитирал и пред Македонците во Албанија? Па, кој може некому да го одземе правото на глас и да учествува во кампања за некого? Тоа ли е мерка за кривична од Специјалното јавно обвинителство, штом не гласаш за СДСМ си виновен?

За жалење е што прва колатерална штета од судирот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, стана градоначалникот на единствената македонска општина во Албанија и Македонците во Албанија воопшто! Се разбира, Едмонд Темелко е дел од организирана хајка на СДСМ против Македонците, поради што за најостра осуда се анационалните политики на лидерството на оваа партија. Со укажување, да го свртат компасот кон националните и државните интереси за да бидат почитувани. И, еднаш засекогаш да разберат, дека власта се добива од Македонците во Македонија, а не од Сорос, Орав и Бејли заедно.

Доволно е да се прочита коментарот на Специјалното јавно обвинителство после решението на Кривичниот суд за отфрлање на мерката притвор за обвинетите во операцијата Титаник: “Кривичниот суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби!“ Завршен цитат! Очигледно, Специјалното јавно обвинителство и неговите ментори се запишаа во историја, а некому Титаникот тоне и ќе потоне.

Кога омразата станува слепило, лудоста и одмаздата се мерило…

Тодор ПЕТРОВ - Претседател на Светски македонски Конгрес

 
 
15.02.2016 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега