Се очекува засилен бран инвестиции после април

Економијата и во 2016-та останува да биде светла точка во еден турбулентен период во Македонија, посебно на политички план. Земјава останува во фокусот на странските инвеститори, а познавачите на пазарот очекуваат засилен бран на инвестиции после изборите во април. Ефектите на странските компании во земјава се евидентни. Извозот од зоните постојано расте достигнувајќи 1,5 милијарди евра минатата година, што е една третина од вкупниот извоз на земјава, пишува Лидер.

Истовремено се отвораат нови работни места- околу 15 илјади лица се вработени во компаниите на странските инвеститори во зоните или надвор од нив. Тука е и интеракцијата, односно ќарот кој домашните компании го имаат од соработката со странските.

Ако пред десеттина години странските инвестиции во земјава тежеа околу 500 милиони евра, во периодот од 2007 до 2015 година тие изнесуваат вкупно 2,3 милијарди евра- доволен доказ дека економските политики се добро поставени.

-За мала земја како Македонија исклучително значајно е да креираме производи кои може да се извезуваат. Тоа значи дека треба да сме конкурентни, да имаме добра бизнис клима. Во тој дел се вклопуваат странските инвеститори, бидејќи тие влегуваат во дејности со повисока технологија, како што е автомобилската индустрија и слични индустрии кои се пропулзивни и во кризни периоди можат да повлечат извоз“, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во дебата на ТВ Нова.

Експертите сметаат дека странските инвеститори донесоа нешто многу поважно од парите, донесоа нова технологија, нова менаџерска култура, донесоа она што многу ни недостасуваше- нова етика во работењето. Со самото производство, странските компании извршија една диверзификација- зголемување на бројот на производите кои се создаваат во Македонија и кои пред сѐ се извезуваат, а со тоа открија пазари кои ние во минатото ги немавме на нашата извозна карта.

-Ние претходно на извозната карта не знаевме каде е Велика Британија, додека тие не дојдоа, а сега таму извезуваме катализатори и разно- разни производи. Исто така, од математички  аспект, од платно билансен агол, битен е податокот дека во минатата година тие остварија нето извозен ефект, разлика извоз- увоз од 280 милиони евра, со што придонесоа да имаме стабилизирање на платниот биланс. Ако тоа го немавме, ќе дојдеше до затегање на монетарната политика, а тоа по автоматизам значи зголемување на каматните стапки. Тоа не се случи, зголемување на каматите немаше, дури тие се намалија и се даваа нови кредити кои треба да донесат поголем профит, смета универзитетскиот професор Томе Неновски.

За надлежните, битно е тоа што од Македонија се извезуваат високо квалитетни производи, а посебно е важно што компаниите на странските инвеститори во Македонија се најдобрите во Европа. Според Ставрески, таква констатација дале од Џонсон Контролс за фабриката во Штип, за што и била доделена награда на фабриката. Истата ситуација ја имаме и со фабриката на Џонсон Мети во Македонија, која работи најдобро од сите фабрики на компанијата во Европа. Тоа, според него покажува дека имаме квалитетна работна сила и добра етика во работењето.

Се продлабочува соработката меѓу странските и домашните компании

Проценките велат дека повеќе од 500 домашни компании соработуваат со странските инвеститори. Следниот предизвик, според надлежните е да се зголеми оваа бројка, а крајна цел на оваа соработка е да можат домашните компании, научени на квалитетот кој го бараат странските, самостојно да извезуваат на странските пазари.

-Неодамна имавме ситуација, домашна компанија од Кочани да склучи договор, да биде главен добавувач за Џонсон Мети на глобално ниво, врз база на контактот што го имаат со Џонсон Мети тука во Македонија. Тие склучија зделка вредна осум милиони евра. Тоа е патот што треба да го одиме. Така треба да идентификуваме домашни компании, мали и средни, да пружиме помош- на некои им треба капитал, на некои обука да го стандардизираат производството и на тој начин да го зголемиме извозот на домашните компании, вели вицепремиерот Ставрески.

Странските и домашните компании соработуваат од самиот старт на вложувањето на странските инвеститори во земјава. Ако на странската компанија и треба фирма да го израмни земјиштето и да изгради хала за фабрика, користи домашни градежни фирми, ако и требаат правни совети, компјутерџии, ако и треба храна за работниците и дистрибуција, исто така користи домашни фирми.

-Ние направивме еден пилот проект преку кој идентификувани се пет компании кои имаат најдобри предиспозиции во 2016-та да почнат да работат како снабдувачи на странските компании, но на пошироката листа се околу 200 компании. За таа цел ангажиравме странски експерти кои ги познаваат процесите и кои ќе влезат во овие компании и ќе видат што недостасува, со цел да може во наредниот период од година- две да се оспособат компаниите за да се вклучат во овој процес, објаснува вицепремиерот Ставрески.

Според бизнис секторот, многу е важно тоа што сите оние домашни фирми кои почнаа соработка со странските инвеститори веќе можат да се пофалат со побогато портфолио, што дава одреден кредибилитет на пазарите надвор од Република Македонија.

-Она што е за пофалба е конечно влезот на домашните компании во рамки на зоните, нешто за што сме разговарале и чекор кој требаше да се преземе, за да се види дека и ние имаме способни компании кои можат да придонесат за зголемување на извозот, кои можат да наметнат квалитет и да се оттргне она табу кое беше поставено претходно дека домашните компании не можат да влезат во зоните и да имаат еднаков третман“, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, која очекува овој тренд во иднина да продолжи бидејќи домашните компании го поседуваат потребниот квалитет.

Според професорот Неновски, бизнис климата е еден од најважните фактори странските компании да инвестираат кај нас. Политичката состојба е исто така важен фактор, меѓутоа и оценката на меѓународните институции, од аспект на рејтингот на Република Македонија- тоа е важен фактор кој што ги охрабрува да влезат на нашиот пазар.

 
 
06.02.2016 - 10:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега