Средба Иванов-Камерон: Мора да се зголемат капацитетите на македонско-грчката граница

Бегалската криза и состојбите на македонско-грчката граница беа во фокусот на разговорите на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и британскиот премиер Дејвид Камерон на вчерашниот прием кај Принцот Чарлс во Лондон.

Претседателот Иванов кој учествува на лидерскиот самит во Лондон за поддршка на Сирија и регионот, го информирал Камерон за заканата од илегална миграција и зголемите безбедносни ризици долж мигрантскиот коридор. Британскиот премиер изразил интерес за случувањата на македонско - грчката граница и за тоа дали се спроведува одлуката да се пропуштаат само бегалците од кризните региони, Ирак, Авганистан и Сирија.

Иванов истакнал дека низ Македонија досега има поминато милион бегалци, а од ноември се пропуштаат бегалците од трите конфликтни подрачја.

- Безбедносните ризици се зголемуваат и во последно време полицијата открива се повеќе лица со лажни исправи и регистрациски документи издадени од ФРОНТЕКС,  кои се обидуваат да ја преминат границата  и да продолжат по рутата за што е предложено и прифаќање на единствен биометриски регистрациски лист за мигрантите кој ќе се издава на границата со Грција со намера да транзитираат до крајната дестинација, рекол македонскиот претседател Иванов, јави известувачот на МИА од Лондон. 

Иванов и Камерон се согласиле дека мора да се зголемат капацитетите за заштита на македонско – грчката граница.

Македонскиот претседател на вчерашниот прием оставрил средба и со Филип Хамонд, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, со претставници на меѓународните организации, невладини организации, како и средба со ГС на УНЕСКО, Ирина Бокова. 

 
 
04.02.2016 - 11:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега