НБРМ одбележува 70-годишен јубилеј

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) годинава со низа манифестации и случувања ќе одбележи 70-години од институционализираното централнобанкарско работење во Република Македонија.

Како што информираат од НБРМ, одбележувањето на јубилејот ќе се одвива во текот на целата година, под мотото „Запознајте ја централната банка“ и ќе има за цел да ја приближи Народната банка до пошироката јавност и да ја унапреди информираноста на граѓаните за доменот на делување на институцијата, нејзината улога и значењето што го има во домашната економија.

- Во тој контекст, настаните што ќе се организираат во текот на годината ќе опфатат активности од областа на финансиската едукација, настани за промоција на научно-истражувачката дејност и спортски активности и случувања, велат од НБРМ.

Во рамки на активностите за финансиска едукација, додаваат, Народната банка ќе пристапи кон изработка на два кратки филма -краток документарен филм во кој, преку документиран видеоматеријал заснован врз историски факти, ќе се прикаже еволуцијата на централното банкарство во Република Македонија во изминатите 70 години и краток едукативен филм преку кој пошироката јавност ќе се запознае со целите, функциите и надлежностите на централната банка.

- На тој начин централната банка ќе остави два трајни документа од кои идните генерации ќе црпат знаења од областа на централното банкарство. Во рамки на едукацијата на деца и млади се предвидува организација на еднодневни посети во Народната банка од страна на ученици од основните училишта од целата територија на Република Македонија. Организираните посети ќе вклучуваат посета на Музејот на Народната банка и Ковницата на пари, а учениците ќе бидат запознаени и со основните функции на Народната банка преку интерактивна презентација од страна на вработени во Народната банка. За делот од училиштата што нема да бидат во можност да организираат ваква посета ќе биде организиран караван на Народната банка за финансиска едукација којшто ќе посетува училишта низ цела Македонија. Целта на овој караван е ширење на финансиската едукација и доближување на Народната банка и до учениците од најоддалечените и рурални средини, прецизираат од НБРМ.

Во годината на јубилејот Народната банка ќе продолжи со силна поддршка и промоција на научно-истражувачката дејност.

- Во тие рамки, Народната банка ќе изготви Библиографија на стручни трудови од областа на централното банкарство објавувани во Република Македонија за периодот од последните 70 години. Овој проект значително ќе помогне во зачувувањето на овие трудови, а ќе придонесе и за натамошен развој на централното банкарство и за целокупното банкарското работење во Република Македонија во иднина. Покрај ова, предвидена е и промоција на книги и научни трудови објавени од страна на вработените во Народната банка, со што уште еднаш ќе се потврди високиот научно-истражувачки профил на институцијата,велат од НБРМ.

Седумдесетгодишниот јубилеј ќе биде одбележан и со низа спортски активности, меѓу кои и мини маратонската трка покрај Вардар.

- Во рамки на настанот „Отворени денови за граѓаните“, Народната банка, во траење од една седмица, ќе ги отвори вратите за сите граѓани што имаат желба да ја посетат Народната банка и да се запознаат со нејзината историја, главните обележја и функциите на институцијата. Организираната посета ќе вклучува обиколка на Музејот на Народната банка и кратка едукативна презентација од страна на вработените во Народната банка, посочуваат од НБРМ.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот во текот на годинава НБРМ ќе ја организира Петтата меѓународна истражувачка конференција, која вообичаено се организира по повод годишнината од мионетарното осамостојување на земјава, традиционалната Конференција за платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност, која годинава, со значајно меѓународно учество, ќе се одржи по деветти пат, а втора година по ред ќе се одржи и Меѓународниот ИТ-форум од областа на ИТ-инфраструктурата и непрекинатоста во работењето. Во соработка со Банката на Англија, ќе организира и семинар наменет за едукација на кадри од областа на централното банкарство. 

 
 
01.02.2016 - 12:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега