Нова поволност од ФЗОМ

 

Директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски денеска најави дека февруари ќе биде месец на електронски услуги и ја објави првата е-услуга што се однесува на осигурениците кои користат ортопедски помагала. 

- Со новата електронска услуга – електронска заверка за ортопедско помагало, осигурениците нема потреба да доаѓаат во подрачните служби во ФЗОМ и да чекаат на шалтери бидејќи специјалистот и матичниот лекар ќе може да ја издаваат и заверуваат потврдата од ординација, односно од нивното работно место, рече Стефаноски. 

За остварување на ова право во 2015 година се направени 145 илјади заверки на потврди за ортопедски помагала.

- Од 1 февруари 2016 година, за сите овие осигуреници услугите ќе бидат достапни и по електронски пат и нема да има потреба да доаѓаат во подрачните служби на Фондот, потенцира Стефаноски. 

Според него, со електронските услуги се дава можност на брз и ефикасен начин услугите да бидат достапни за сите осигуреници, фирми и здравствени работници.

- Најголемата придобивка од воведувањето на е-услугите е што корисниците ќе можат да ги користат од ординациите,  односно од своите работни места, наместо да доаѓаат на шалтерите во подрачните служби на Фондот, нагласи Стефаноски. 

Тој информира дека во февруари ќе промовираат сет од 15 електронски услуги со што, како што рече, околу 90 отсто од тековното работење и услугите кои ги обезбедува Фондот ќе станат достапни и по електронски пат.

- Согласно статистиката и анализите направени во Фондот за здравствено осигурување, на годишно ниво повеќе од 1 милион граѓани, односно осигуреници дошле во подрачните служби на Фондот за користење на различни видови на услуги, а голем дел од нив побарале повеќе услуги одеднаш. Затоа, сетот на електронски услуги кои ќе ги претставиме во текот на февруари е од огромно значење за сите граѓани на Република Македонија. Девет од новите електронски услуги кои ќе ги промовираме во февруари се проекти од Програмата за работа на Владата на Република Македонија, рече Стефаноски. 

На товар на Фондот се одобруваат вкупно 355 типови оротопедски помагала, односно 1.373 помагала од различни производители. Сите ортопедски помагала, за кои не треба одобрување од лекарската комисија, осигурениците од 1 февруари 2016 година ќе може директно да им ги заверува матичниот, односно лекарот специјалист. Истата потврда по направената заверка, станува достапна за ортопедските куќи и со заверената потврда осигурениците одат во ортопедската куќа која сами ја избираат и веднаш го подигнуваат помагалото.

Заверената потврда ги содржи сите потребни информации за осигуреникот, информации за порачување и испорака на помагалото, цената на помагалото и за партиципацијата доколку ја има. Потврдата содржи и информации за ортопедските куќи кои имаат договор со Фондот, со цел осигуреникот сам да избере која ортопедска куќа за него е најдобра.

Оваа нова електронска услуга за сите осигуреници кои имаат потреба од ортопедско помагало, ќе важи за потколени ортози, ортози за горни екстремитети, дел од ортозите за рбетен столб, корективни ортози, ортопедски чевли, ортопедски влошкии, еластични чорапи, бастуни, патерици, дубаци и одалки, појас и утега, вештачка дојка, останати помагала и санитарни справи (сите видови на пелени). 

Од групата на очни помагала – сите видови на помагала, очила, очила со бифокални стакла, очила со темни бифокални стакла, контактни леќи, очни призми со бифокални стакла, очни протези. Од групата на слушни помагала - сите видови на задушни слушни апарати и канални слушни апарати. Од групата помагала за одржување на глас и говор – сите видови помагала од оваа група. Од групата на заботехнички и забнопротетички средства - сите видови помагала од оваа група.

Во 2015 година се реализирани околу 218 илјади заверки на ортопедски помагала, во вредност од 743 милиони денари, 547 милиони денари за ортопедски куќи и 196 милиони денари за заботехнички помагала кај специјалисти стоматолози. Со новата услуга, Фондот очекува 145 илјади заверки или две третини од сите ортопедски помагала да се прават електронски, со што осигурениците нема да има потреба да доаѓаат во подрачните служби на Фондот.

 
 
27.01.2016 - 15:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега