Попоски: Тргна возот кон преговори со ЕУ - сите кои сакаат да бидат на него треба да учествуваат на изборите

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, беше презадоволен од денешниот работен доручек со министрите за надворешни работи на сите змеји-членки на Европската унија во Брисел што го организираа унгарскиот и австрискиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто и Себастијан Курц. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, евро-минситрите денеска изразиле подготвеност да започнат долгоочекуваните преговори за членство на Македонија во ЕУ во јуни оваа година, откако ќе се спроведат успешно изборите во земјата на 24 април.

Министрите Сијарто и Курц жестоко ја искритикуваа македонската опозициска партија СДСМ за своето однесување во земјата и обидот да го изигра договорот од Пржино и притоа на партијата на Зоран Заев и порачаа да се појави на предвремените парламентарни избори со цел македонскиот народ да го даде сопствениот избор кој да го води во следните четири години.

Во изјава за МИА, министерот Попоски посочи дека денешниот состанок со министрите на земјите-членки на ЕУ е значаен исчекор во овој момент, бидејќи, според него, добиена е поддршка од поголем број на земји-членки, за првпат од 2013 година, за отпочнување на преговорите за членство и завршување на овој циклус што беше воден од политичката криза и отворање на еден ново поглавје.

- Во тој поглед, сите присутни земји-членки денес дадоа сигнал дека за Македонија е значајно да го затвори ова поглавје со целосно применување на политичкиот договор што го постигнавме во земјата и дека на тој начин ќе создадеме најдобри услови за отпочнување на процесот на преговори за членство во ЕУ. Тој нема да биде без пречки, со сигурност ќе имаме предизвици и во следниот период, но првиот предуслов е да се затвори оној циклус што потекна од политичката криза и треба да биде затворен со избори во Република Македонија, истакна Попоски за МИА.

Македонскиот шеф на дипломатијата додаде дека самата ЕУ е дел од договорот од Пржино, од кој сите точки беа реализирани во изминатиот период, и за кого останува само една фаза, а тоа е онаа фаза на подготовка на изборите по кои ќе може да има отворени врати за притискање кон почеток на преговорите.

- Во моментов, ние имаме ситуација во која возот тргнува, ја напушта железничката станица и сите оние што сакаат да помогнат, тоа поаѓање на оваа композиција да биде успешно со почеток на преговорите, треба да бидат на него и да учествуваат на следните избори, појасни Попоски што е, додаде, главната порака од Советот на министри на ЕУ.

Македонскиот министер за надворешни работи вели дека за да се надмине критичната ситуација, препорака на Европската унија е дека треба да се реализира политичкиот договор што е постигнат во Република Македонија. Тој повтори дека сите точки од политичкиот договор се реализирани, со исклучок на една, а тоа е спроведување на изборите.

- На некој начин, во денешната ситуација, ние мораме да прифатиме дека за Европската унија мораме да ги реализираме изборите на време за да можеме да ја добиеме препораката што потоа може да води кон почеток на преговорите. Ова требада го подготвиме за да може на јунскиот Самит на Европскиот совет да има клима во која овие земји-членки што денес застанаа зад идејата дека Република Македонија треба да води преговори со ЕУ, да може да ја реализираат таа препорака, заклучи министерот Попоски.

На маргините на денешниот состанок, министерот Попоски оствари средба и со својот грчки колега Никос Коѕијас, со кого според соопштението лиферувано од македонското Министерство за надворешни работи, разговарале за сите отворени прашања меѓу Македонија и Грција, со фокус на разликите околу прашањето за името и за мигрантската криза. Како што е познато, поради блокадите од страна на Грција на Европскиот совет, Македонија досега не можеше да ги отвори пристапните преговори, иако веќе 11 години е земја-кандидат, а седум години по ред добива позитивни препораки од Европската комисија за почеток на истите.

 
 
18.01.2016 - 15:48
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега