Утре истекуваат последните 100 дена пред изборите на 24 април

Како што најави вчера, премиерот Груевски утрово му ја депонирал својата оставка на Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Тој во изјава за медиумите ја потврди оваа информација и рече дека ќе го следи исходот на преговорите кои денеска се водат со посредство на еврокомесарот Хан. Вељаноски изрази надеж дека лидерите ќе ги надминат меѓусебните предизвици во насока на реализација на Договорот од Пржино.

 

Согласно Уставот и законите, доколку опозицијата го надмине стравот и се реши да излезе пред граѓаните во април, спикерот Вељаноски во текот на денешниот ден би можел да ја стави оставката на Премиерот пред пратениците. За оваа оставка не се гласа и нема дискусија во законодавниот дом. Вељаноски само ќе ја констатира оставката што по автоматизам значи дека престанува мандатот на Претседателот на Владата но и на сите министри во неа.
Потоа, Вељаноски согласно Уставот го известува Претседателот Иванов за ново настанатата ситуација и практично му го враќа мандатот за состав на нова Влада на шефот на државата. Тој согласно Уставот е должен мандатот да му го врачи на новиот мандатар најдоцна за 10 дена.
Новиот мандатар кој ќе биде задолжен да ја предводи Владата која ќе ги организира изборите може во текот на утрешниот ден на пленарна седница да го преложи својот нов кабинет. По предлогот и експозето во Собранието се отвора расправа која мора да заврши пред полноќ со гласање.
Гласањето за техничката Владата која ќе биде задолжена да ги спроведе изборите оди во пакет, што значи дека се гласа за сите министри од еднаш а не одвоено.

Доколку тоа се заврши пред полноќ на 16ти јануари со оглед на тоа дека станува збор за престапна година исполнет е условот од Договорот во Пржино за формирање на техничка влада на 100 дена пред изборите и со тоа, соочувањето со граѓаните може да се случи на 24 април годинава.

 
 
15.01.2016 - 11:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега