По атентатот во Истанбул Турција нападна цели на ИД во Сирија и Ирак

Како одговор на самоубиствениот напад во Истанбул, во последните 48 часа, турската артилерија извела 500 гранатирања на цели на Исламска држава во Сирија и Ирак, притоа убивајќи речиси 200 борци на оваа група, изјави денеска турскиот премиер Ахмет Давутоглу, цитиран од британските медиуми.

- По атентатот од вторникот приближно 500 артилериски и тенковски гранати беа истрелани врз позициите на ДАЕШ (Исламска држава) во Сирија и Ирак, посочи премиерот на конференцијата на турските амбасадори во Анкара.

Давутоглу прецизира дека цел на турските напади биле позициите на групата околу кампот Башика, во северен Ирак, каде Анкара пред извесно време размести свои сили  за да ги штитат турските војници кои ги обучуваат ирачките милиции во борбата против сунитските екстремисти.

Прекуграничното гранатирање во Сирија, пак, било насочено врз регионот крај градот Мареа, контролиран од борците на ИД, на 20 километри од Турција и во близина на границата на „безбедносната зона“ која Анкара сака да ја  создаде во северна Сирија за Исламска држава да ја држи што подалеку од себе.

-Приближно 200 членови на ДАЕШ, вклучувајќи ги и таканаречените регионални лидери, се убиени во последните 48 часа. Од тука натаму секоја закана, насочена кон Турција, ќе добие соодветен одговор, предупреди премиерот.

Останува нејасно како Турција успеала да го провери бројот на убиени или нивната припадност кон екстремистичката група, забележуваат американските медиуми.

-Турција ќе почне со воздушни напади доколку за тоа се укаже потреба и ќе ја заддржи својата одлучност се додека Исламска држава не го напушти пограничниот регион, уште кажа Давутоглу.

 
 
14.01.2016 - 18:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега