Велешани задоволни од рестартирањето на „Порцеланка“: Ова ќе значи многу за градот

Велешани се задоволни од потпишаниот договор за рестартирање на „Порцеланка“. Инвестицијата е вредна околу 31 милион евра, а планирани се 1.000 нови вработувања што ќе бидат реализирани низ повеќегодишен план.

Владата на Република Македонија и индиската групација БРГ вчера во Велес потпишаа договор за реализација на инвестиција во која ќе биде рестартирана поранешна „Порцеланка“.

Групацијата БРГ во рестартираната поранешна фабрика „Порцеланка“ ќе изработува производи од челик и кујнски прибор од нерѓосувачки челик. Компанијата има шест фабрики со 13 илјади вработени и претставништва во повеќе светски метрополи. Годишниот обврт на компанијата изнесува 500 милиони евра.

Велешани не го кријат задоволството од реалзиираната инвестиција. Велат дека рестартирањето на „Порцеланка“ значи многу за градот во кој индустријата пропадна поради затворањето на многу фабрики во минатото, а сега се прават напори за отворање на нови. Во дел од своите изјави велешани велат:

-Многу ќе значи. Нека се врати Велес во тоа време кога имаше многу фабрики и работници, да гледаме полни автобуси да одат на работа, тоа ќе биде најубаво и најсреќен ќе биде градот.

-Ова е добра работа, многу ќе значи. Градот, како што знаете, индустријата пропадна. Сега ова е ново на ново. Не се 1000 вработувања, имате погрешна математика. По 4 ќе помножите, значи 4000 фамилии ќе јадат, не една илјада. Добро е, нека оди вака. Програмата на Владата е супер, поготово за децава.

-Многу голема работа. Јас сум невработен, ви кажувам дека тоа многу ќе значи за Велес.

-Ќе се подобри финансиската состојба на луѓето и ќе има повеќе вработени.

-Па, тоа е многу убаво за Велес. Груевски работи стварно неуморно. Ако го испуштиме Груевски, не правиме ништо. Тоа се ќе остане како што е започнато за правење и така ќе остане ако дојде СДСМ на власт.

-Многу нешто ќе значи. Затворија толку фабрики, сега нова се отвора….

Инаку, клучната одлука за инвестирање е донесена минатата година при посетата на владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски на индискиот град Калкута и седиштето на компанија БРГ, посета која впрочем беше дек од роуд-шоуто за привлекување на инвестиции во Индија.

-Се сретнавме со компанија од областа на металната индустрија, а покрај изработката на метални профили тие имаат и фабрика за изработка на различни метални производи за кујни, така што разговаравме за можноста да инвестираат во Македонија да отворат свој капацитет за европскиот пазар од каде што ќе произведуваат и извезуваат низ цела Европа. Со нив ќе имаме уште средби и ќе разговараме за повеќе детали, изјави тогаш премиерот Груевски.

 

 
 
13.01.2016 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега