Кривопаланечка ББ

Некогаш беше „Бихаќка”. Тоа е она време кога СДСМ се уште се шлепуваше на партизанското минато, и кога државотворните комунисти изумираа, а комуњарите настапуваа. Им го наследија дуќанот, ама не и занаетот.

Шинелите на командантите од партизанските бригади беа големи за малите и ситни комуњари, слаткоречиви и салонски товени, со итри очи и лепливи прсти.

Во чизмите на командантите Мирче Ацев, Кузман Јосифовски Питу, Михајло Апстолски и Методија Андонов Ченто влегуваа Бранко Црвенковски, Љубомир Фрчкоски, Тито Петковски и Јане Миљовски… и се виде, одма, дека работата не ја бива. Чизмите на командантите им се тешки и големи. Се сопињаат во одење. Смешни се и трапави.

Станаа комуњари. Како кинеска копија на оригиналниот ајфон.

Фалц комунисти. Комуњари.

И колку повеќе се трудиш фалцот да проработи, толку повеќе заглавуваш во нервоза. На крај, дигаш раце, го опињаш фалцот од земја, и се одиш. По оригинал.

Човек ќе помисли дека е тоа дното. Но, сме биле во заблуда.

Кој во ерата на Бранко можел да помисли дека СДСМ, еден ден, ќе го води некој локален лик – еднаш амнестиран, два пати под обвинение и еднаш (засега) осомничен за соработка со мафија која фалсификува документи, сметки и соработува со терористи.

Партизаните ваквите, ако преживеале, ги множеле со нула и долго ги држеле под строга изолација. Да не се заразува околината. Затоа и се легенди – партизаните, мислам.

Поштено гледано, и во добрите времиња на Бранко ваква лопужа како Заев не би поминала ни преку паркинг на партијата. Јес да комуњарите ги олабавија и ги паднаа стандардите на комунистите, па корупцијата им беше домашна забава, пред да се појават Тетрис и Монополи… но, за оние како Заев кои се снимени, фатени, амнестирани, обвинети, постојано сомнителни… во партијата немаше место. Тогаш.

Арно ама, времињата се сменија. Пораз по пораз, скандал по скандал, опседнати со пари, дворски игри и недоверба во се и секого наоколу…. СДСМ падна на колена. Останаа без луѓе, затоа што секој нормален и амбициозен ги напушти, останаа и без директорите што ги товеа во транзицијата… и дојде денот – дај шта даш, само да не се изгаси светлото.

И дојде Зоран Заев, како богата маалска лопужа која добива убава господска ќерка, затоа што бракот ја спасува фамилијата од беда, глад и понатамошни понижувања.

А се случи спротивното. Согласно состојбите во кои беше, и е СДСМ, неговите муртински разбирања на политиката, партијата стана негова сопственост. Буквално. СДСМ е под хипотека на сите корупции и криминали на Заев. А ги има многу.

Иронија ли е, к’смет ли беше, и формално куќата – седиштето на СДСМ ги прекина сите врски со партизаните кога улицата „Бихаќка” стана улица „Павел Шатев”.

А Павел Шатев бил еден од гемиџиите. Задолжен да го запали францускиот брод Гвадалкивир, што и направил. Заев го запали бродот на СДСМ.

За Зоран Заев, богата маалска лопужа влезена во господска куќа, сите се непријатели, сомнителни, му работат зад грб, и бесрамно ги трошат неговите пари.

Тргна со непријатели во ВМРО, што и не е неочекувано. Продолжи понатаму и преку медиумите, новинарите, професорите, пензионерите… сите тие биле, пази богати, слуги на режимот кои се платени за да ја подржуваат власта. Богата некоја држава, и уште побогата власт штом со суви пари алиментира пола милион гласачи.

Се окружи со полусвет. Анонимуси кои ни на фамилијарни слави не им ги знаат баш точно имињата и професиите: исплакнатиот Шилегов со алкохолен тен, бајпасиран како стара гума со шест бајлаци, адвокат во слободно време. Тој ги мрази сите. Па дури и себе.

Шекеринска, која се уште верува дека со тоа што го избрала Заев се амнестирала себе од дубарите, и обезбедила добри места за шетање на гламурозната гардероба.

Фросина Ременски… нормално што не ја знаеш. Почнала како запален активист на ВМРО во Крива Паланка, а продолжила како сезонско засилување во СДСМ. Кај Заев.

Оливер Спасовски, интелектуално прилично лимитиран кумановец со матно минато и богами неизвесна иднина. Лик кој допрва ќе се прослави како тим менаџер на серија криминални дејности: од фабрика за фалсификати до соработка со терористите од Диво Насеље. Неговата иднина, во СДСМ се мисли, е извесна. Другата е кошмарна.

Беше, просто, прашање на време кога омразата и склоноста кон конфликти на Заев, ќе се сврти и во неговиот двор. Прв настрада Бранко Црвенковски. По него сите негови.

Бидејќи при толку струмички и кривопаланечки таленти, скопјани се остаток од партиската буржоазија во партијата, дојде време Заев да ја прегази Радмила Шекеринска.

Нејзините соросоиди, Сорос комбинации и Сорос фондови пукнаа, и не дадоа резултат. Таа сега е парна ружа у букету. Слути на лошо.

Капацитетот на Заев, Шилегов, Ременска и Спасовски Оливер оди до ниво на извесен (пак) кривопаланчанец, кој го има порно сајтот Доказ, и кратовец прогонет од тој град заради лошо ментално влијание врз младата генерација, кој за потребите на Заев го држи сајтот Мактел… тие два лика Заев со декрет ги промовира во новинари, а нивните сајтови во медиуми за да ја тераат неговата внатрешна и надворешна политика.

На Рада не и сметаше тоа. Таа, и онака, е преокупирана со бутици и накити.

Арно ама, кога дојде време Рада, парна ружа у букету, да се исфрла – токму тие двајца за потреби на Заев и пајташите му – ја земаа работата во свои раце.

Па така, сајтовите кои живеат од фондовите на кланот на Заев последниве месец-два објавуваат порно новинарство за Радмила и за нејзиниот сопруг Бобо. И Бранко Црвенковски со неговите, нормално, се дел од сето тоа. Да не се пропушти приликата.

И, шо праиме сега, црна Радо, а?

Тие што плукаа по нас во своите порно сајтови, кои ти беа добри за таа намена, сега одеднаш те ставија тебе во машина. На начин кој Бобо не го заслужува, и со ништо не придонел ниту за постоењето на тие порно сајтови, ниту за твојата политика на омраза, газење по луѓе, преврати, измами, дворски игри… Рада е мајстор за создавање непријатели и експерт од луѓето да го извлече најлошото.

И текнува ли на Радмила кога на изборите во 2008 година го повикуваше Груевски да се појави на избори, да не се плашел од сукња – како што изјавуваше.

Тој сексизам, провокација и навреда за балкански маж, нејзиниот омилен речник денес е лектира на порно новинарството на Доказ и Мактел.

Тогаш Рада, со тие сексизми и провокации, заврши со најубедлив пораз на СДСМ откако таа партија постои. Груевски 63, а Радмила 27 пратеници.

Играње со сукња и асоцијации од неа, во политиката завршува со порази, гнев од противниците, и на крај – порно пеналење по Доказ и Мактел по нарачка на Заев.

Денес некогашната горда „Бихаќка”, потоа за СДСМ симболичната „Павел Шатев”, се преименува во – Кривопаланечка. А адресата на СДСМ – „Кривопаланечка” бб.

Партијата е до таа мера просељачена, вулгаризирана, дезориентирана, криминализирана и изопачена, што во целост е копија на профилот од Зоран Заев.

Кога при толку учени и умни луѓе, кога при толку скопјани дојде време клучен кадар во СДСМ да биде Ф. Ременска од Крива Паланка, па потоа оној заменик-министер во Земјоделие, Николовски, и тој од Крива Паланка… па клучниот “новинар” на Заев со порно сајтот Доказ да е од Крива Паланка… природно е адресата да се смени во Кривопаланечка.

И тука Груевски нема никаква вина. СДСМ сами си го бираа Заев, и прифатија да им ја приватизира партијата со новиот Статут, и да ја посељачи до ниво – на паланка.

Затоа Груевски деновиве со сите почести ќе биде на гости во Вашингтон, на високо ниво кај потпретседателот Бајден, и неговата десна рака за Балканот, Нуланд. А Заев ќе чмае во Паланка.

Патем, што имаше во кутиите што Заев без обврзувачки, законски записник, ги предаде кај Специјалната Катица Гевгелиска?! Имало само кривопаланечки финти. И ништо друго.

Драган Павловиќ Латас

 
 
11.01.2016 - 12:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега