НБРМ: Лани економијата во минус - банките не даваат кредити
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата четврта седница на која беа усвоени Годишниот извештај за 2012 година и Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во 2012.
Во Годишниот извештај е утврдено дека монетарната политика, и во текот на 2012 година, се водеше во согласност со остварувањето на основната монетарна цел - одржување на ценовната стабилност, преку одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото. Амбиентот за спроведување на домашната монетарна политика беше релативно поволен од монетарен аспект, но со изразени ризици, коишто беа поврзани со можното влошување на надворешното окружување. Сепак, во текот на 2012 година, движењата во домашната економија и проекциите за наредниот период укажаа на простор за олабавување на монетарните услови. Олабавувањето на монетарната политика беше направено во првата половина од годината, што меѓу другото придонесе и за ослободување дополнителна ликвидност во системот. Мерките имаа за цел да обезбедат стимул за поголемо раздвижување на кредитниот пазар и поддршка на слабата економска активност, во услови на одржување на девизните резерви на адекватно ниво, постојано висока склоност на субјектите за располагање со домашна валута и стабилна инфлација.
Од аспект на главните макроекономски параметри, при повторно актуализирање на европската должничка криза и зголемување на неизвесноста и ризиците, во 2012 година, остварувањата на домашниот реален сектор се влошија. Економијата во текот на целата година беше под потенцијалот, покажувајќи недоволна искористеност на капацитетите. Оттаму, по две години релативно стабилен економски раст од околу 3%, во 2012 година македонската економија оствари мал пад од 0,3%. Неповолните остварувања во реалниот сектор и високата неизвесност околу темпото на економско закрепнување се пренесоа и на кредитниот пазар. Иако финансиската поддршка од банките не изостана ниту во 2012 година, сепак прирастот на новите кредити е помал во споредба со претходната година. Во услови на отсуство на раст на домашната економија, во 2012 година буџетскиот дефицит се зголеми, но сепак фискалната политика успеа да го задржи претпазливиот карактер. Ваквата политика беше насочена кон обезбедување поддршка на домашната побарувачка и имаше за цел да обезбеди фискален стимул врз вкупната економија, со интензитет сличен на стимулот во 2009 година.
Слабото темпо на закрепнување на домашната економија се одрази и во надворешната позиција на економијата, предизвикувајќи умерено влошување на дефицитот во тековната сметка којшто изнесуваше 3,9% од БДП, при мало влошување на трговскиот дефицит и натамошен раст на приватните трансфери, во услови на висока доверба во домашната валута. И покрај скромните нето-приливи преку странските директни инвестиции, во услови на одливи на капитал кон матичните компании, надворешното задолжување, девизните приливи на пензиските фондови, како и намалувањето на нето девизната позиција на домашните банки обезбедија финансирање на тековната сметка, но и дополнителен раст на девизните резерви. На крајот на годината, девизните резерви изнесуваат 2.193 милиони евра и сѐ уште се околу адекватното ниво.
Гледано низ призмата на остварувањето на целите на НБРМ, во текот на 2012 година водењето на монетарната политика беше соодветно, а поставените цели беа успешно остварени. Вкупната просечна годишна инфлација во 2012 година од 3,3% претставува инфлациска динамика којашто е прифатлива и е во контролирани рамки.
Во вакви услови, а при постојан нето-откуп на девизи и раст на девизните резерви над очекувањата, на почетокот на 2013 година, Народната банка донесе одлука за дополнително намалување на основната каматна стапка. Истовремено, на почетокот на годината стапија на сила и измените кај задолжителната резерва, коишто се однесуваат на дополнително монетарно олабавување, но пред сѐ целно и насочено кон сектори што ја намалуваат надворешната ранливост на економијата.
Во Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во 2012 е укажано на истите предизвици содржани во Годишниот извештај. Утврдено е дека економските услови во земјата и надвор од неа не беа поволно опкружување за вршење на банкарските активности. Економските услови во земјата главно беа под влијание на растечките ризици со кои се соочуваше реалниот сектор. Слабата побарувачка за стоките и услугите на корпорациите во традиционалните сектори, заедно со капиталните одливи што ги извршија дел од домашните компании со странски капитал, придонесоа за големата претпазливост на деловните банки при кредитирањето.
Покрај овие карактеристични фактори, од големо значење беа и системските фактори, главно финансиското раздолжување на банките-мајки и нивните конзервативни стратегии на ниво на групација, коишто ја ограничуваа кредитната активност на некои од домашните деловни банки со доминантен странски капитал, како и европската должничка криза, воопшто.
Најзначаен позитивен развој во 2012 година беше зголемената склоност на клиентите на банките за чување на своите средства во домашна валута, што овозможи подобрување на валутната структура на депозитите. Како резултат на промените, почнувајќи од јуни 2012 година денарските депозити ја презедоа главната позиција во валутната структура на депозитите на нефинансиските субјекти. Деловните банки го искористија вкупниот раст на депозитите претежно за зајакнување на својата ликвидна актива, што доведе до скромен раст на кредитната актива. Краен резултат од ваквото претпазливо однесување е стабилната и висока ликвидност на банките, којашто се зголемуваше во текот на годината.
Најзначаен предизвик во 2012 година беше растот на нефункционалните кредити како последица на неповолното опкружување, како и на ослабнатата кредитоспособност на корпоративниот сектор. Сепак, целосната покриеност на нефункционалните кредити со вкупната издвоена исправка на вредноста го покрива ризикот за намалување на сопствените средства на банките, при хипотетичка целосна ненаплатливост на овие кредити. Останатите ризици, пред сѐ валутниот ризик и ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарските активности, се сѐ уште на ниско ниво.
Банкарскиот систем во 2012 година и натаму е солвентен, мерено преку основната мерка за солвентноста, стапката на адекватност на капиталот, којашто изнесува 17,1% и е повисока за повеќе од двојно од законскиот минимум од 8%.
Проекциите на Народната банка упатуваат на умерено забрзување на растот на кредитите во 2013 и 2014 година, поттикнати од очекувањата за зајакнување на глобалната економија, како и на промените на монетарната политика на Народната банка. Воедно, во текот на 2013 и 2014 година, се очекува и натамошно зајакнување на капиталната база на деловните банки, а со тоа и на солвентноста, главно заради макропрудентните регулаторни мерки преземени од Народната банка.
(Интегрален текст од соопштение на НБРМ)