Новата Година во Охрид дочекана на минус десет

Охриѓани и бројните гости од земјата и странство синоќа во свечен новогодишен амбиент, со голем огномет и добра забава ја испратија старата 2015. и ја дочекаа Новата 2016 година. Неколкуте илјади граѓани на Охрид, како и туристи на Градскиот плоштад на доста студено време од десет степени Целзиусови под нулата, се забавуваа на хитовите на Боби Мојсоски, Викторија Лоба и Калиопи.

Весело беше и во угостителските објекти, кои беа исполнети речиси до последно место, традиционално со богата трпеза и одлична забава до раните утрински часови. Најбројни и оваа година на охридската ривиера беа гостите од соседните држави, во најголем дел од Србија и Црна Гора, на кои во текот на вчерашниот ден полицијата за добредојде во Охрид наместо казни им делеше лампиони.

 

Но, кога станува збор за безбедносниот аспект, „најлудата“ ноќ во годината не мина без несакани случки.

 

Уште во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови Охрид го плати данокот на седнувањето зад волан во алкохолизирана состојба. Пијан возач попладнето околу 17 часот на улицата „Радојца Новичиќ“ го прегази 62-годишниот Здравко Н. Од Охрид.

 

Сообраќајната незгода се случила во момент кога патничко моторно возило марка „WV Пасат“ со охридски регистарски ознаки движејќи се од Охрид кон селото Долно Лакочереј, преминало на левата коловозна страна и со предниот лев дел од возилото удрило во сега починатиот кој со велосипедот се движел во спротивен правец. Возачот на „Пасатот“ Ќ.Н. (53) од Охрид потоа бил изложен на алкотест при што утврдени се 1,08 промили алкохол во крвта.

 

Уште еден немил настан со случи во текот на самата новогодишна ноќ. Машко тело во лежечка положба, рано утрово околу 2:30 часот било забележано на улицата „Цар Самоил“ во самиот центар на Охрид, во близина на угостителскиот објект „Табана“. Веднаш била повикана службата за Итна медицинска помош, при што телото било пренесено во Општата болница во Охрид. Неуспешни биле преземените мерки за реанимација.

 

Полицијата соопшти дека на местото каде беше забележано телото на сега починатиот, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи. Се преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на овој случај, иако до овој момент во полициската станица не е пријавено нарушување на јавниот ред и мир или друго казнено дело во споменатиот угостителски објект.  

 

Според информациите од СВР – Охрид, на територијата на Охрид не се регистрирани поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.

 

Дежурната екипа на Територијалната противпожарна единица ноќта ја мина во спокојна атмосфера, без ниту една интервенција.

 

Што се однесува на Службата за итна мединцинска помош, задоволни од тоа како мина новогодишната ноќ, со вообичаени десеттина интервенции. Станува збор за случаи на полесни телесни повреди упатени на Хируршкото одделение на Општата болница во Охрид, случаи на интоксикација со алкохол упатени на Интерно, како и неколку вообичаени случаи на хронично заболени лица кои имале потреба од медицинска интервенција. Сите случаи се медицински истретирани без некаков сериозен исход.

Мирно ноќта мина и во Акушерското одделение на Општата болница во Охрид. Охрид се уште без принова во Новата 2016 година.

 
 
01.01.2016 - 11:41
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега