Поставени темелите на новото средно училиште кое ќе никне во Сарај

 

Денеска во општината Сарај започна изградба на средно училиште.

Училиштето ќе се простира на 1.700 метри квадратни и ќе има капацитет за 350 ученици во една смена. Инвестицијата од 48 милиони денари е на Министерството за образование и наука.

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери, министерот за  образование и наука Спиро Ристовски и неговиот заменик Сафет Незири, заменик-претседателката на Собранието на РМ Сузана Салиу и градоначалниците на Скопје и на општината Сарај Коце Трајановски и Беким Мурати.

- Во новото училиште, во кое наставата ќе се одвива на албански јазик, учениците ќе можат да се определат за некоја од понудените насоки, кои ќе бидат дефинирани во следниот период, по елаборација на потребите. Објектот ќе биде израз на модерна архитектура, современо опремен и уреден за да одговори на потрребите за продуцирање на соодветните образовни профили, а ќе располага и со сопствен систем за греење, истакна министерот Ристовски.

- Градот Скопје и општината Сарај ќе помогнат за инфраструктурно уредување на ова средно училиште, така што сите заедно ќе овозможиме училиштето да биде изградено за 12 месеци и следната година на 1 септември свечено да го отвориме, рече Трајановски.

- Општина Сарај е решена силно да ги подигне образовните капацитети со единствена цел - новите генерации да бидат конкуренти на европскиот и во светскиот пазар. Средното училиште ќе биде модерна зграда според сите европски стандарди, рече  Мурати.

Проектант на објектот е компанијата „Идеја плус“ од Скопје, а изведувач „Алкон-проект“-Скопје.

Училиштето ќе биде пуштено во употреба на 1 септември идната година.

ФОТО: Плусинфо

најчитано сега