Јанкулоска: Демири и Исмаиловиќ што поскоро да се екстрадираат во Македонија

 

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска нема директна информација за предметот кој го водат судовите во Приштина против Алил Демири и Африм Исмалиовиќ, но, изрази жалење и незадоволство од евентуалната одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија за да им се слуди за случајот „Монструм“.

- Немам точни податоци како постапувале судовите во Приштина, каква одлука донеле, но верувам дека одлуката е таква каква што вие ја презентирате и доколку тоа е случај навистина морам да изразам жалење за ставот на тамошните власти тие да не бидат испорачани на Република Македонија, рече министерката Јанкулоска по барање на новинарите да ја коментира денешната одлука на приштинскиот суд да ги казни провообинетите за „Монструм“, Демири и Исмаиловиќ на две односно две и пол години затвор за нелегално поседување оружје, со што се доведува во прашање нивната екстрадиција.

Јанкулоска повтори дека од македонска страна се вложуваат сите сили, двајцата првообвинети од Монструм што е можно побрзо да бидат испорачани во Република Македонија за да бидат изведени пред лицето на правдата. Јанкулоска упати апел да се направат дополнителни максимални напори тие да бидат екстрадирани во најкус можен рок.

Косовските власти ќе одговорат дали и кога Алил Демири и Африм Исмалиовиќ ќе бидат испорачани во Македонија, откако целосно ќе заврши судењето во Приштина. Доколку има жалби на денешната  пресуда ќе поминат најмалку неколку месеци додека да стане правосилна со што неизвесно е кога би се случила екстрадицијата. Нивните адвокати најавија жалба.

Одбраната на Демири и Исмаиловиќ на судењето за оружјето тврдела дека тие не се одговорни за процесот кој се води против нив во Македонија за масакрот кај Смиљковското Езеро.

најчитано сега