БРИМА ГАЛУП: И СДСМ да ја нарачаше анкетата, ќе ги добиеше истите резултати

Обвинувањата на СДСМ дека сме направиле нарачана и нереална анкета за потребите на весникот „Република“ се неосновани бидејќи и тие да нарачале такво истражување на јавното мислење, ќе ги добиеја истите резултати, изјави вчерa Ѓорѓи Kимов, советник за истражувања на агенцијата „Брима Галуп“, објавува ДНЕВНИК.

Тој реагира на вчерашните квалификации кои најголемата опозициска партија ги упати кон последната анкета што ја спровела оваа позната агенција. Истражувањето на јавното мислење во земјава покажало дека граѓаните од македонската етничка заедница прогнозираат убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски на претстојните априлски избори. Огромни 70,2 проценти од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има поголема поддршка од граѓаните, наспроти 11,2 отсто кои сметаат дека СДСМ има поддршка од граѓаните. Дури 55,9 отсто од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник на следните избори, наспроти 12,1 проценти кои мислат дека победник ќе биде СДСМ. Никола Груевски и понатаму е политичарот со најголема доверба кај граѓаните со високи 32,3 отсто пред Зоран Заев кој ја ужива довербата на 9,1 процент од испитаниците.

На објавувањето на резултатите СДСМ реагира со партиското соопштение во кое потенцира дека анкетата е фабрикувана за потребите на владејачката партија.

– Ниту една нарачана анкета не може да го спаси Груевски. Огромната, растечка поддршка на граѓаните за СДСМ и за лидерот Зоран Заев предизвикува голема нервоза и панични реакции кај Никола Груевски. Kако што се намалува поддршката од граѓаните за Груевски така му се потребни се поголеми нарачани бројки во анкетите. Ниту анкета од 102 отсто нема да го спаси Никола Груевски од пораз и одговорност за целокупниот криминал и корупција во изминатите 10 години. Груевски не може да го промени јавното мислење и перцепцијата на граѓаните со нарачани и нереални анкети – се потенцира во партиското соопштение.

Ваквите квалификации Ѓорѓи Kимов ги отфрла и наведува дека ширењето на таквата недоверба кон анкетните истражувања ~ штети на Република Македонија и создава проблеми во јавната комуникација.

– Бесмислено е да се тврди дека анкетата е нарачана. Kако и во сите други истражувања, ние сме постапиле крајно професионално и на таков начин сме го извршиле за потребите на нашиот клиент. Оној на кој не му одговараат резултатите не може така да квалификува. Но, тоа е кај нас еден вообичаен начин на комуникација кога некому нешто не му одговара – наведува Kимов.

Тој додава дека анкетата е направена неодамна при што се запазени сите методолошки стандарди што се применуваат кога е во прашање работата на една ваква агенција.

– Ние имаме предвидена методологија која се спроведува на теренот. База на тоа е една развиена компјутерска програма која оневозможува какво и да е манипулирање со изборот на испитаниците. На пример, нашиот истражувач кога ќе влезе во едно семејство, го анкетира оној член на кој роденденот му е најблизок според датумот. Значи, случаен е изборот во рамките на едно семејство – објаснува Kимов.

Оваа агенција го спроведуваше и неодамнешното истражување за потребите на американската организација ИРИ, а кое покажа слични резултати.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во својата вчерашна реакција одговори дека „не е прв пат Зоран Заев да не го слуша и да не го цени мислењето на граѓаните“.

– Тој во континуитет ги игнорира девет години. Затоа десетти пат по ред ќе го слушне нивното мислење за потценувачкиот однос што го има кон македонскиот народ. Хаосот во редовите на СДСМ е с` повидлив. Откако видовме дека веќе не знаат што говорат, сега гледаме дека не знаат ни што пишуваат. СДСМ се очигледно затворен во некој свој свет и нема контакт со реалноста и верува само на рејтинзите на партискиот институт „Прогрес“. СДСМ не сака да го види тоа што и граѓаните и реномираните рејтинг-агенции им го кажуваат. Ако пред некое време виновна за катастрофалниот рејтинг им беше реномираната ИРИ, денес за тоа е виновна и реномираната „Брима Галуп“ – потенцира оваа партија.

Оттаму додаваат дека „граѓаните на 24 април ќе го потврдат тоа што рејтинг-агенциите им го покажуваат“.

-А тоа е дека деструктивната политика на СДСМ базирана на манипулации и лаги не поминува. Поразот на СДСМ е с` поевидентен. Остануваат само уште 132 дена тоа да се потврди – се наведува во реакцијата.

 
 
14.12.2015 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега