УЈП и полицијата влегоа во Тетово

Три спортски обложувалници што непријавено и без лиценци приредувале игри на среќа биле предмет на акциската контрола што полицијата и претставници на Управата за јавни приходи ја спровеле синоќа во периодот помеѓу 20 до 23 часот во Тетово, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци при контролата биле пронајдени и со потврда одземени 14 телевизори, пет компјутерски куќишта, пет монитори, пет печатачи, четири тастатури, три баркод читачи, три далечински управувачи како и два покер-апарати. Во еден од објектите биле пронајдени и одземени 3.120 денари во разни апоени што се наоѓале во фиока која се користела како каса.

Од полицијата посочија дека сето пронајдено било фотодокументирано и ќе биде предмет на стручно вештачење додека по целосното расчистување на сите поединости против сопствениците на објектите ќе следуваат соодветни поднесоци.

-Синоќешната контрола е дел од континуираните активности за откривање и законско санкционирање на објекти кои нелегално без потребната документација приредуваат игри на среќа и со вакви контроли ќе се продолжи и во следниот период, рече Јосифовски. 

 
 
07.12.2015 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега