Симулација на голема сообраќајна незгода во Охрид

Во организација на Министерство за здравство и на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје денеска во Охрид беше спроведена симулациска вежба за подигнување на степенот на подготвеност на службите при кризни состојби во Охрид. Станува збор за симулација на поголема сообраќајна несреќа со 15-тина повредени со преломни рани и изгореници.

Михаил Кочуловски од Институтот за јавно здравје ја оцени како одлична денешната вежба, од аспект на брзината на реакцијата на службите надлежни за реакција при такви ситуации, како и од начинот на кој се справуваа со ситуацијата.

- Несреќи се случуваат и ќе се случуваат, од наша страна останува да ги подобриме подготвеноста на службите за реакција, оттаму што сепак останува најважно што побргу да се интервенира, истакна тој.

Интенција е преку координирана активност сите фактори да делуваат согласно националниот план за реакција и предвидените протоколи, кога станува збор за рекацијата на службите во здравствениот сектор.

- Врз основа на она што го согледавме на лице место, како и приемот на повредените во здравствените установи во Охрид, може да се констатира висока професионалност кај медицинските служби. Сето тоа е снимено, со цел потребите на службите во насока на подобрување на обуките за медицинскиот персонал, рече Кочуловски.

Симулациската вежба произлегува од договорот за соработка помеѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација како дел од приоритетот - Здравствена безбедност, одговор и подготовка при кризни состојби.

Во денешната симулација на поголема сообраќајна незгода учествуваа единици на Итната медицинска помош при Здравствен дом од Охрид, на Општата болница, општинската организација на Црвениот крст, Територијалната противпожарна единица, Секторот за внатрешни работи, Регионалниот центар за справување со кризи и Општина Охрид.

 
 
04.12.2015 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега