Иван Антоновски: Шчо напраифме со лустрацијата и шчо требит да напраиме?
Лустрирањето на еден од основоположниците на современата македонска книжевност и култура, академикот Славко Јаневски, онака срамно како што беше изведено, претставува чин со кој од страна на самата македонска држава (свесно или несвесно - најдобро ќе се „пресуди“ во текот на следните децении, од временска дистанција) беше зададен еден од најтешките удари кои досега ги доживеала современата македонска култура. Поради начинот на кој беше лустриран авторот на првото објавено прозно дело на стандарден македонски јазик (не мислам на романот „Село зад седумте јасени“, 1952, туку на повеста „Улица“, 1950), без никаква можност јавноста да има увид во документите со кои располага Комисијата за верификација на фактите, а со тоа и без можност македонската книжевна наука и македонската историографија да бидат оние што ќе увидат и што ќе оценат дали во тие документи има нешто што укажува или докажува дали и со што овој значаен македонски автор им нанел некаква штета на развојните процеси во современата македонска книжевност и култура, македонската држава не фрли црна дамка само врз него како личност, туку преку него и врз сето она што се има случено во еден од најзначајните периоди на развојот на македонската култура - во втората половина на четириесеттите и во педесеттите години на минатото столетие.
Поточно, со ваквиот начин на лустрирање на оваа значајна историска личност од македонскиот XX век, македонската држава фрли црна дамка и врз самиот период во кој се напишани и објавени првите книжевни дела на стандардизиран и кодифициран македонски јазик, како и период во кој, меѓу другото, е создаден македонскиот печат за деца и млади (од 1945 година Јаневски бил и уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, во кој го објавува и својот стрип за деца „Еден бункер падна“ - прв повоен стрип од македонски автор) и во кој се поставени темелите на македонската кинематографија (Јаневски е и автор на сценариото и режисер на првиот македонски краткометражен филм „Сонце зад решетки“, 1958). Истовремено, со ваквиот начин на лустрирање на Јаневски, македонската држава фрли црна дамка и врз процесите на создавање на едни од најзначајните културни и научни институции чиј основач или еден од првите членови е токму тој (пред сè, ДПМ и МАНУ) - институции што имаат одиграно историски улоги во конституирањето на македонската самобитност и во потврдувањето на македонското национално постоење и од кои и денес се очекува дека треба бидат едни од носечките столбови на нашата земја. Накратко - самата македонска држава, со ваквиот начин на лустрирање, преку Јаневски, фрли и црна дамка речиси врз сето она што е темелник на современата македонска култура. Ако се уважи нацијата како конститутивен фактор за секоја држава, а културата – за секоја нација, во име на доследноста, не може да не се констатира дека оваа црна дамка фрлена врз речиси сето она што е темелник на современата македонска култура е црна (тешкоизбришлива) дамка што државата ја фрли врз самата себеси, односно дека, задавајќи ваков удар врз македонската книжевна и културна историја, државата самата удри по себе.
Да бидам поконкретен - во ситуација во која само оној што е лустратор има ексклузивитет да ги чита документите врз основа на кои е лустриран Славко Јаневски, дури и на научната јавност, на која тие документи, денес, најмногу и ѝ припаѓаат, одзедено ѝ е правото и да ги види, и дури пошироката јавност, љубопитна за тоа кои се Славковите „гревови“ според лустраторите, се поттикнува на чаршиски и асталски муабети со кои се отвораат „стари рани“, кои на таков начин сигурно нема да бидат затворени, туку може само уште повеќе да се раздлабочат - муабети што без конкретен доказ (научниците добро знаат што е доказ релевантен за науката) не можат да бидат сместени во книжевната и во културната историја, се допушта можност, во отсуство на вистински сознанија, секој чин што е од историско значење за македонската култура, а во кој повеќе или помалку бил вклучен овој македонски автор - од создавањето на првите текстови на стандарден македонски јазик до создавањето на МАНУ, во одредена мера да биде „обоен“ со некаков сомнеж и по некаква аналогија да се контекстуализира во контекст во кој тие судбоносни чинови за македонствувањето, на еден или на друг начин, ќе бидат поврзани со тајните служби. Па, така, знаејќи дека имаме „кадар“ што е „кадарен“ да спроведе такво „контекстуализирање“, не би ме зачудило ако, потпирајќи се на „фактот“ дека Јаневски е прогласен за соработник на тајната полиција, особено ако во претстојниот период на ваков начин биде „анатемисан“ уште некој автор од неговиот формат (а имајќи го предвид досегашниот развој на настаните, ако ваквата лустрација продолжи, сигурно ќе биде), се најде некој кој, на пример, ја пласира тезата дека првите текстови напишани на стандарден македонски јазик (особено оние што се на Јаневски) се напишани по наредба или дека ДПМ и МАНУ се вештачки создадени институции според замислата на службите, формирани по задача. Меѓутоа, што би значело тоа, во превод? Тоа би значело дека голем дел од сето она што се случило во втората половина на четириесеттите и во педесеттите години на минатиот век, а што е од епохално значење за македонската самобитност и за македонскиот национален идентитет - нешто без кое денес браникот на македонската опстојба би бил многу лесно уништлив, од некој „кадар“ би можел да биде претставен како творба на тајните служби, со што самата македонска држава (пак ќе повторам: свесно или несвесно - најдобро ќе се „пресуди“ во текот на следните децении, од временска дистанција), во одредена мера, би му дала легитимитет на антимакедонското тврдење што неретко доаѓа однадвор, според кое сето она што е македонски национален идентитет е вештачка југословенска творба создадена кон средината на минатото столетие.
Согледувајќи го сето ова, ваквото лустрирање на Славко Јаневски го доживувам како алармантна општествена состојба, која укажува дека мора да се стори нешто за да се спречи македонското самоуништување. Несомнено, нашето самоуништување е долготраен процес што, за љубов на вистината, не е новост во нашата културна средина, но со вака замислената лустрација, која со начинот на кој се изведува сериозно започнува да го „поткопува“ она што е и темел на современата македонска држава, може да се случи најголемото македонско себенегирање во севкупната македонска историја, а по сè изгледа дека тој процес влегува во својата завршна фаза. Колку и да прозвучува болно и парадоксално, денес, на почетокот на втората декада на XXI век, кога веќе повеќе од дваесет години постои самостојна и независна македонска држава, која сè уште мора да се бори со надворешните негирањата на македонскиот национален идентитет, за жал, ваквата лустрација може да стане (ако веќе и не е станата) внатрешен антимакедонизам, најпогубен за македонствувањето.
Во една ваква алармантна општествена состојба, во овој миг, сите имаме две можности. Едната е, како што би сторил Крсте Петков Мисирков, да се запрашаме: „Шчо напраифме со лустрацијата и шчо требит да напраиме?“ и, надевајќи се дека не е доцна, да го спречиме последниот чекор кон македонскиот безизлез, да се обидеме да не се доуништиме самите, а другата можност е да молчиме или само повремено поводно да реагираме, а „карванот“ да си врви и лустраторската судбина на Јаневски, на ист таков начин, да им се случи и на многу други личности со историско значење за Македонија, а преку нив самите да ја сечеме „гранката на која седиме“ како нација и како држава. Како книжевник и како млад македонист, и не треба и не смеам да бидам еден од оние што молчат. Молкот во ваков случај значи соучество, а јас не сакам да соучествувам во нешто за кое сум свесен дека води кон обезличување на мојата култура, односно на мојот народ и на мојата држава. Затоа, поставувањето на прашањето „Шчо напраифме со лустрацијата и што требит да напраиме?“ и обидот да дадам свои одговори, со кои ќе се задржам во контекстот на македонската книжевност и култура, не го чувствувам само како лична потреба, туку и како морална и како професионална обврска.
За тоа „шчо напраифме“ пишував и погоре, но се чувствувам должен кон одговорот на овој дел на прашањето, како македонист, да приложам уште неколку констатации. Со исклучувањето на македонската книжевна наука и на македонската историографија од процес во кој се одлучува дали ќе му се фрли или нема да му се фрли „анатема“ на починат книжевник - историска личност (нешто што знам дека е спротивно на актуелниот закон - но како книжевник не би сакал да навлезам во расправи за толкување законски решенија), уште еднаш, по којзнае кој пат, за жал, самата македонска држава ја деградира македонистиката. Притоа, во период кога ни е неопходно вистинско критичко (пре)вреднување на делата што ѝ припаѓаат на современата македонска книжевност, не само со лустрирањето на Јаневски туку и со лустрацијата на неколкутемина писатели и културни работници што беа лустрирани пред него, од самата држава се продуцира атмосфера во која книжевните научници и културолозите стравуваат во наредниот период научно да се занимаваат со творештвото на некои македонски автори, бидејќи нивната научна работа би можела да биде согледувана низ „лупа“ што ќе има политичко „стакло“ или, спротивно на нивните научни цели, да биде втурната во политички контексти и на тој начин да биде (не)вреднувана. Со тоа, самата македонска држава придонесува да се создаде вистинска, запишана историја на современата македонската книжевност и култура, иако еден таков научен проект, сега, кога многу книжевни дела можат да се превреднуваат од временска дистанција, веќе ни е повеќе од неопходен.
Истовремено, како држава, задаваме силен удар и врз најголемите афирматори на македонскиот национален идентитет надвор од границите на Република Македонија - странските македонисти и слависти чија професионална определба се македонскиот јазик, книжевност и култура, меѓу кои се и многу професори на реномирани универзитети. Еден дел од нив, во овие мигови, сигурно се запрашуваат себеси: „Зошто толку значаен дел од својот живот потрошив за да ги афирмирам вредностите на македонската книжевност и култура и зошто воопшто им се посветив кога денес македонската држава започнува јавно да ги погазува тие вредности? Зошто толку енергија вложив во својата матична културна средина да ги промовирам творечките дострели на Јаневски и на редица други автори кога Македонија, денес, со ваква лустрација, ги негира?“ Другиот дел од нив се запрашува што е ова што се случува кај нас, се чуди и не може да верува, надевајќи се дека ќе го запреме нашево самоуништување. Неслучајно, во „сандачето“ на мојата електронска пошта имам порака од еден професор по македонистика во странство, кој ме запрашува: „Како во текот на следната академска година на моите студенти да им предавам за Славко и да им дадам задача да ги исчитаат неговите дела, кога тие ќе можат да ме запрашаат: ’Зошто да го читаме ние, кога во македонските медиуми се вели дека не го читаат во Македонија, па дека затоа неговите книги ги нема во македонските книжарници? Зошто да учиме за него како голем и значаен човек за македонската книжевност и култура, кога во Македонија е прогласен за соработник на тајните служби и можеби неговата големина што ни ја претставувате Вие се должи на таа соработка?‘ Едноставно, не знам како, по ова што се случува кај вас, овде би успеал да ја претставам македонската книжевност, онака како што заслужува“, се вели во писанието од македонистот од странство.
Како конкретна илустрација за тоа како реагираат странските македонисти по лустрацијата на Јаневски, би го посочил и коментарот на хрватскиот македонист, академикот Горан Калоѓера, оставен на мојот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“: „Славко Јаневски несомнено е еден од најквалитетните македонски прозаисти и поети. Во историјата на македонската книжевност ’влегува‘ како автор на првиот роман на македонски јазик. Кај нас во Хрватска, барем кај мене во Риека, на некогашните студии по македонска книжевност и јазик, беше еден од омилените автори. И денес чувам неколку дипломски работи на хрватски студенти за неговата поезија и проза. Толку за тоа. Ние го ценевме и и понатаму го уважуваме како најквалитетното македонско перо, а вие го судите. Па, да видиме што ќе каже историјата. Приберете се, браќа Македонци“. Е па, ајде, да се прибереме и да изнајдеме вистински одговор на вториот дел од прашањето: „шчо требит да напраиме“. Ако настојуваме да го опфатиме сето она „шчо напраифме“, списокот би бил уште многу подолг, но на крајот констатацијата ќе биде иста: се втурнавме во процес во кој со лустраторски „спектакли“ македонската држава (по третпат ќе повторам: свесно или несвесно - најдобро ќе се „пресуди“ во текот на следните децении, од временска дистанција) започна да се укинува самата себеси. Затоа, да се обидеме да го изнајдеме она решение што ќе спречи вака, лустраторски, да се доуништиме - решение што ќе овозможи да се соочиме со минатото, без притоа тоа соочување да биде пречка да дојдеме до нашата иднина.
Неспорно е дека вака спроведуваната погубничка лустрација мора да запре веднаш. Тоа не значи дека не треба или дека нема да се соочиме со минатото. Напротив. Историјата мора да се отвори за да не дозволиме дилемите и „духовите“ од минатото да бидат дел и од секојдневјето што е пред нас. Меѓутоа, во овој момент, нам не ни се случува вистинско отворање на историјата или соочување со минатото, туку нивна злоупотреба. Вистинско соочување со минатото е она што ќе овозможи вистинско контекстуализирање на постапките и на личностите и она што ќе овозможи заклучоците да ги донесе општеството, преку анализи на лица што се компетентни и со достапност на сето она што е историски материјал од тоа минато и за тоа минато, а не преку политички заклучоци на мала група луѓе (лустратори). Ете, едно такво соочување со минатото е она „шчо треба да го напраиме“ откако би ја запреле ваквата лустрација. А како? Мислам дека најдобриот предлог во една пригода го даде професорката Јасна Котеска, уште во 2010 година, непосредно по започнувањето на работата на Комисијата за верификација на фактите - предлог кој за најсоодветно решение не го сметам само јас, туку и многу други што сакаат продуктивно, а не злоупотребувачко отворање на македонското минато и што исто онолку колку и јас стравуваат дека ни се случува последната фаза на македонското самоуништување, која мора да ја спречиме.
Поконкретно, сметам дека во овој миг не само што треба да се реактуализира и да се разгледа туку треба и да се оствари идејата сите досиеја со кои располагаме да бидат замрзнати во ситуацијата во која се, а потоа да биде формирано биро во кое, според примерот на Германија, тие досиеја ќе бидат архивирани стручно и без политички страсти. Тоа значи дека тоа биро, во кое работно би биле ангажирани историографи и лица што имаат работно искуство со архивирање историски материјали, за разлика од Комисијата за верификација на фактите, не само што ќе треба туку и ќе мора да работи според строго утврдена методологија на работа, со јавно дефинирани параметри. Без никакви медиумски пумпања, во тоа биро да бидат направени попис и опис на сите документи што ги има во досејата, а на секое досие за кое е утврдено дека е фабрикувано да биде наведено дека тоа не е целосно веродостоен документ и притоа да биде образложено зошто. Откако би било спроведено ова што го предложи Котеска, сметам дека е потребно во рамки на бирото да бидат отворени два главни оддела: еден во кој ќе бидат досиејата на оние што биле следени од службите и еден во кој ќе бидат соработничките досиеја. Притоа, како што предложи и Котеска, ем за да бидат подостапни, ем за да бидат трајно сочувани, сите документи со кои би располагало бирото, добро би било да бидат и електронски архивирани.
За создавањето на ваквото биро да не биде доживеано како одолговлекување на процесот на отворање на историјата и на соочување со неа, според моето мислење, можеби би било добро да се размисли, ако оние што ќе ги архивираат досиејата проценат дека некој документ што го има во едно досие на лице што било следено од службите е многу важно да биде поврзан со досие на некој соработник, да се допушти да направат фотокопија што соодветно ќе биде заверена како веродостојна на оригиналот и да ја поместат во прилог на соработничкото досие, а притоа јасно да биде нагласено во кое досие и под кој архивски број се наоѓа оригиналот. И истото да важи во случај кога ќе проценат дека документ што го има во соработничко досие е добро да се поврзе со досие на некој што бил следен од службите. Ако, пак, има и случаи кога за некој соработник нема одделно досие, но има документи во други досиеја (такво нешто спомена актуелната Комисија за верификација на фактите), тогаш стручните лица што ќе работат на архивирање на материјалот можеби би било добро да изготват посебен предмет за тоа лице и на неговата насловна страница да нагласат дека не е тоа „класично досие“, туку предмет во кој се собрани повеќе документи што укажуваат на соработка со службите, јасно да нагласат каде се пронајдени документите што се поместени во предметот и, ако се поместени веродостојно заверени фоткопии, да упатат на оригиналните.
Истовремено, ако се утврди дека некои граѓани во своите домашни архиви поседуваат документи што на еден или на друг начин можеби се поврзани со некое досие или со нешто што има во него, сметам дека е добро да се отвори и трет оддел во кој секој граѓанин би можел доброволно да ги депонира тие материјали, за потоа соодветно да бидат архивирани и да бидат ставени на увид на јавноста, а со тоа да бидат достапни и за научни анализи, согледби и процени. Од друга страна, сметам дека во рамки на тоа биро можеби би било добро да постои и одделен оддел во кој стенографски или со предадено писмено искажување на кое има своерачен потпис че се архивираат и лични искажувања на сите лица што сметаат дека имаат некакви сознанија и спомени што на еден или на друг начин се поврзани со досиејата и со она што го има во нив, а што се од историска важност и што тие лица би сакале да ги остават како некакво трајно сведоштво. Тоа би значело дека во тој оддел би можеле да се архивираат и искажувања на лица што биле следени од службите н искажувања на лица што имаат соработничко досие, а кои сакаат да дадат свое образложение или појаснување. А потоа, оние што ќе се зафатат со потфатот да анализираат некои од тие материјали нека одлучат дали тие искажувања ќе ги прифатат како релевантен материјал или нема да ги прифатат.
Потоа, откако сите процеси на архивирање на документите би биле завршени, без никакви спектакли со медиумски лансирања информации кој бил жртва, а кој бил соработник (или кој бил и едното и другото), државата вратите на тоа биро да ги отвори за сите што би биле заинтересирани - и за сеирџиите, и за оние што не знаат која е разликата меѓу „разорна“ и „разорана“, па делото на Шолохов, кое на македонски јазик е преведено од Симон Дракул како „Разорана целина“, го именуваат како „Разорна ледина“, и за оние што тие документи би сакале да ги користат како материјал за белетристичко дело и за оние на кои тие документи би им биле потребни за научни цели. Притоа, за да постои некаква евиденција и регулатива, сметам дека е добро секој што би ги користел материјалите, преку стандардно архивираните примероци или преку електронската архива, да ги наведе и потребите за кои ги користи, па дури и ако се тие лични. Неспорно е дека и по остварувањето на сето ова, би се нашле „новинари“ и „историчари“ што би излегувале со изјави од типот: „кодош е тој и тој, ајде сè што е негово да запалиме на плоштадот“. Меѓутоа, од друга страна, бидејќи документите ќе бидат достапни за секој заинтересиран, со што ќе постојат и услови за издржана полемика и за аргументирана дебата за прашањата што би биле отворени, и бидејќи нема да постои простор за едногласие како сега (а кога постои само едногласие, мошне често сè што е прикажано како вистина е спорно), дури и ако некој се обиде да манипулира со „жешки“ теми, таа манипулација, со одговор поткрепен со документи, со факти и со правилни толкувања, бргу би била елиминирана.
Едноставно, сметам дека со отворањето на едно вакво биро, а не со ваква лустраторска комисија и со вакво лустрирање, можеме вистински да ја отвориме историјата и вистински да се соочиме со минатото, оти така нема да постои ниту простор за груба политизација, ниту простор за селективност, ниту простор за преголема злоупотреба, ниту простор за произловни или тенденциозни контекстуализирања, туку ќе постои вистински простор за вистинско, неполитичко и деидеологизирано согледување на фактите. Со такво биро, кое ќе „донесе“ нови задачи и предизвици за македонската наука, ќе постои вистински простор за вистинско научно проследување на сите документи од досиејата, што значи и можност за согледување на некои значајни процеси што се можеби засведочени во нив, нивно вистинско, аналитичко и студиозно контекстуализирање во рамките на сето она што е македонска историја на XX век и доаѓање до вистински заклучоци и вистини, кои ќе ни овозможат повистинита, неиделизирана, но не и тенденциозна и искривена претстава за нашето не толку далечно минато.
Па, така, кога би постоело такво биро, ако постои соработничко досие на еден македонски писател што е историски значаен, во услови во кои би биле достапни сите документи за неговата соработничка актива, тој нема да може лесно да биде „анатемисан“ и одеднаш, преку ноќ, од култна личност, во очите на јавноста да биде претворен во голем злосторник и нема да се дозволи преку него, индиректно, со најразлични контекстуализации, да се оцрнуваат и да се делегитимираат значајни настани за македонската историја и да се отвора простор тие да се оспоруваат само затоа што е тој повеќе или помалку поврзан со нив, или со други зборови - нема да може да се повторува она што ни се случи (и што допрва може да ни се случува) со срамно изведеното лустрирање на Јаневски. Туку ќе може да се разменуваат можеби и спротивставени синтези и контекстуализирања, но секогаш со документи и со вистински научни анализи, поткрепени со научни ставови за „тежината“ на неговото досие. Поконкретно, со анализа и со вистинско контекстуализирање на фактите што би произлегле од документите, од книжевната наука, со вистинско ангажирање на оние што се повикани да даваат книжевно-историски „судови“ и со нив да ја бележат книжевната историја, ќе може да се донесе вистинска оцена дали тој писател со својата актива на некаков начин наштетил или не наштетил на развојот на современата македонска книжевност и култура, ќе може да се констатира дали некои негови активности на книжевната и на културната сцена биле или не биле поврзани со тоа соработништво, ќе може да се констатира дали во одреден историски период, поради неговата актива, некои книжевни и културни вредности не го добиле заслуженото внимание и ќе може да се процени дали и каква загуба има македонската култура од тоа, а можеби ќе можат да се разрешат и некои енигми за некои процеси во македонскиот книжевен и културен живот во кои тој автор бил вклучен или ќе се разрешат некои дилеми поврзани со него што постоеле во сиве изминати години.
Ако притоа, аргументирано со документи и со факти, научно се процени дека некој автор со својата актива нанел штета на македонската книжевност и култура, тоа нека биде објавено и образложено, но во научен труд, а не во медиумска информација, и тоа од книжевен научник, а не од лустратор или од неупатен новинар. Па, дури и ако се констатира дека личност за која до сега сме граделе мит и култ направила нешто против интересите на македонскиот книжевен и културен развој, нека се пристапи и кон демитологизација, но аполитично, стручно, аргументирано, научно и издржано, од оние што се повикани да го направат тоа. Меѓутоа, и ако од страна на македонската книжевна историја, по анализата на документите, се утврди дека некој автор со својата соработничка актива не нанел никаква штета на современата македонска книжевност и култура, и тоа нека биде нагласено и одбележано за да не се остави простор за манипулација и за тенденциозна деградација. И ако се утврди дека некој автор не бил доволно вреднуван во своето време само затоа што бил следен од службите (такви примери веќе знаеме), иако можеби задоцнето, нека биде исправена нанесената неправда. Накратко - ако се формира такво биро, со вистинска отвореност на историјата, со внимателност да не му се наштети на македонскиот национален идентитет, оние што се повикани и оние што на вистински начин умеат да го сторат тоа - научни работници, а не политичари или лустратори, вистински соочувајќи се со историјата, ќе можат да донесат заклучоци, согледби или оцени за тоа колкави и какви се „гревовите“ или загубите на македонските писатели чии имиња ќе се најдат во досиејата, и тоа за секого одделно, оти е недозволиво да се постави знак на еднаквост меѓу сечиј „грев“, како што го прави го прави актуелната Комисија за верификација на фактите.
Знам дека и формирањето и работата на тоа биро ќе бидат макотрпен и болен процес, но како што пред неколку дена на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша еден мој пријател и колега, кој исто така се залага за отворање на сите досиеја и за стопроцентна транспарентност: „Ќе боли, знам, многу ќе боли. И треба да боли. Ама ќе помине. И барем ќе знаеме на што сме“. Би додал: но сигурно многу помалку ќе боли отколку што ќе нè боли ако со ваквата лустрација го направиме последниот чекор кон македонскиот безизлез и ако со тоа, како нација и како држава, самите се докрајчиме. Знам и дека сето ова, ако се реализира, би значело време во кое би се укинувале постојни и би се носеле нови законски решенија. Меѓутоа, зарем има време што за нас може да биде поскапоцено од македонската иднина за да не биде инвестирано во нешто што може да ги елиминира пречките што самите си ги поставуваме пред таа иднина? Истовремено знам и дека создавањето на тоа биро нашава држава ќе ја чини многу пари, но нема цена што може да биде превисока ако со нејзиното плаќање се спречува чинот со кој Република Македонија би била поразена од самата себе.
Можеби ќе се најде некој што формирањето на ваквото биро би го прогласил за проблематично решение, бидејќи овде директно не би согледал механизам како оние што некогаш биле соработници на тајните служби, може денес да се спречат да бидат носители на јавни функции - нешто што, колку што ми е мене познато, беше и суштина на Законот за лустрација. Меѓутоа, според мене, поважно е да ја отвориме историјата и вистински да се соочиме со минатото, без политизации, без тенденциозности и без опасности од себенегирање, отколку да глумиме „лов на вештерки“, како што неретко беше наречена нашата лустрација. Дури и ако по секоја цена се инсистира на тоа (иако лично сметам дека е проблематично, кога за „класична“ лустрација веќе е и повеќе од предоцна, а кога на земјава ѝ е повеќе од потребно во нејзиниот напредок да биде вложено сето она што е македонски творечки, креативен и интелектуален потенцијал, толку лесно и „по формула“, ако некој што се потврдил како врвен зналец во одредена област, затоа што од непознати причини има соработничко досие, кое можеби нема голема „тежина“, да биде одлучено неговото знаење да не биде искористено за добробитот и за напредокот на нацијата), сигурен сум дека има поинаков „лек“ - ем подобар, ем побезболен од лустрациско-медиумскиот. Сепак, не би сакал да давам „рецепт“ за тој „лек“, оти е тоа целосно правно прашање и оти им го препуштам тоа на оние на кои правото им е специјалност. Некој можеби и ќе се запраша зошто тогаш и се залагам за стопирање на лустрацијата и за отворање биро во кое ќе бидат досиејата, кога тоа не е книжевно, туку во голема мера правно прашање. Мојот одговор е следен: Затоа што во таквиот предлог препознавам вистинско и суштинско отворање на историјата и соочување со минатото, а не разнебитување на македонскиот национален идентитет преку лустраторско-сензационалистичко деградирање на современата македонска култура и на македонистиката. Затоа што професионалната обврска за заштита на сето она што го опфаќа македонистиката, поради алармантноста на ситуацијата, ми дава право со потрагата по решенија за остварување на таа заштита, во овој контекст да излезам и надвор од книжевната сфера, ако во некоја друга сфера го пронајдам она што сметам дека во мигов ни е потребно. Затоа што се чувствувам должен да учествувам во процесот што ќе овозможи за историјата на македонската книжевност да одлучува македонската книжевна наука, а не македонската политика.
На крајот, откако го дадов и мојот личен одговор на тоа „шчо требит да напраиме“, сакам јавно да ги повикам и идеолозите и реализаторите на македонската лустрација, и македонските власти во целина, да ги разбудат своите свест и совест и и тие самите себеси да си го постават прашањето: „Шчо напраифме со лустрацијата и шчо требит да напраиме?“. Одговорот на првиот дел од прашањето можеби и не е задолжително да го соопштат јавно, но одговорот на вториот - мораат, оти во тој одговор се крие и одлуката на македонската држава: дали во неа ќе се македонствува или ќе се антимакедонствува - дали ќе работи на своето сочувување или на своето разнебитување и укинување. Ако е одговорот молк, за жал, тоа е навестување дека сепак македонската држава го избрала второто.
Иван АНТОНОВСКИ
Авторот е книжевник, член на Друштвото на писателите на Македонија
и апсолвент на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Во моментов, авторот на овој текст има неполни 23 години и не може да има досие што би било предмет на интерес на Комисијата за верификација на фактите