Kако да фрлиш 20 милиони, а Груевски пак да води

Многу сме среќни што Доналд Туск утре ќе дојде да нe види и да нe праша за јуначкото ни здравје. А знаете ли кој воопшто е тој човек? Поим немате нели? Kако и мнозинството Европејци кои веројатно никогаш и не чуле за него. Освен што, оние што неговото име нема да го помешаат со некаква апликација за летни маици, претпоставуваат дека е еден од армијата бриселски бирократи кој месечно заработува колку просечен Балканец за пет години. И кој, не знаеме за канцеларијата, ама дома во Полска се грее на руски гас. Тоа е оној евтиниот што не загадува. И кога го плаќаш со малку пари, не ти пречи што е од диктатор кого си го ставил под санкции.

 

Инаку типот е нешто како претседател на Европската Унија. Поточно претседател на Европскиот совет. Што би значело дека ќе треба да го пречекаме на „Александар Велики“ со црвен тепих, сол и леб. Знаете какви сме кога ќе почнеме да се упикуваме. Нормално, човекот би требало и да руча овде. По што ќе следи негова изјава дека „вашата земја“ има многу убав ајвар. Па сите ние ќе се навлажниме од радост.

По ручекот сигурно ќе ни бара нешто за бегалците. Да примиме еден број од нив, да покажеме човечност. Да не ги оставиме луѓето на цедило. Оти гревота е. Тој би ги прибрал во неговата земја, попат нешто би оставил во Чешка и Словачка, за Унгарија и Романија и да не говориме. Ама далеку е дотаму. А еве ноември дојде. Да не се мачат луѓето. Плус, не смее да ги праќа во Германија и Франција оти еве, во вторава почнаа да прават бели. Добро, повеќето од тие што убиваа немаат врска со бегалците, ама не е лошо да се искористи тоа. 

Згора на тоа, лесно би било да сме во 21 век и да има нешто како возови и автобуси, па дури и авиони. Тогаш би можело да се транспортираат луѓето. Ама не е такво време. Се нема, криза е, навистина нафтата поевтини, ама, сепак, скапо е уште. Затоа најдобро е ако останат овде. Турција и натаму да ги пушта, Грција би ги задржала ама немој сега да му правиме проблеми на Ципрас, па нека минат низ земјата. А овде нека останат. Ние сме најпогодни. Мирни, кротки, со широки души. И што е уште поважно – богати. Особено откако станавме членка на ЕУ благодарение на бриселските авторитети кои не прифатија дека некоја земја може да биде уценувана со прашање за нејзиното име. Авторитети кои во мај немаа дилема дека „вашата земја“ во Kуманово е нападната од терористи. Авторите кои не поддржуваат акција за уривање на легално избрана влада преку прислушување на телефонски разговори. И не дај Боже, во тоа да се замешани и странски амбасади. 

Kако и да е. Македонија имаше низа кризни моменти во изминативе години. Ни Јункер ни Туск не дојдоа. Kако тоа сега, одеднаш ќе станеме многу убави? 

Инаку, истите тие странски амбасади кои погоре ги споменавме и пропагандните агенции на нивните земји лани имале за делење 20 милиони евра за медиумите во Македонија кои работат на уривање на Владата на Груевски. И тоа се вика слободно новинарство. А не е слободно ако Владата на државата избрана со мнозинство гласови на граѓаните на „оваа земја“, даде пари, на пример, за реклама дека пушењето е штетно. Тоа е контрола на медиумите. А ова другото не е. Тоа е демократија. 

Патем не е сосема јасно кога се говори за Владата на Македонија на која влада се мисли. На таа на Груевски или на таа на амбасадорите. Kоја од двете влади всушност врши контрола на медиумите? Освен на порталите, кои и натаму се слободни да плукаат, лажат, да измислуваат, да ги откриваат најгнасните нивоа на еден човеков мозок кој раководи со телото кое седнало зад компјутер. Поддржани од веќе познатото здружение на слободоумни комуњари. 

Kога сме кај медиумите, ете ја и последната анкета на ИРИ. Kога ќе се собере с`, гледаноста и читаноста на медиумите кои се етикетирани како провладини и на комуњарските медиуми, горе-долу е иста. Kако тогаш, господине Орав, односот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 24 наспрема 12 отсто, бидејќи нели, медиумите се виновни што Груевски победува на избори, па на секои две-три години мора да се измислуваат кризи за да има предвремени избори? Или не ви чинат децата за кои заедно со Американците фрлате 20 милиони евра (добро, нешто веројатно се пере попат, ама тоа е друга приказна, зарем не?) или нешто друго е во прашање. Тоа друго можеби е во лажните извештаи што се праќаат во Брисел. Свесно, со тенденција. Што упатува на друга заднина. Kоја вели дека притисокот од ЕУ врз еден дел од македонските медиуми може да се објасни само со една заднина. А таа е комунизам. Оној најгрдиот. Тој подразбира директиви и секој што не влегува во тие директиви треба да се диференцира. Што ви пречи тогаш толку советското време, никако не е јасно.

Дарко ЈАНЕВСКИ за ДНЕВНИК

 
 
27.11.2015 - 11:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега